Службеник зел 226.000 денари мито и ја фалсификувал лиценцата за „Клуб Пулс“ една година пред трагедијата
Обвинителниот акт за трагедијата во „Клуб Пулс“ открива сериозни сомнежи за длабока корупција во самото Министерство за економија. Според документот, државен службеник е обвинет дека примил илјадници евра мито од сопственикот на клубот, а за возврат му издал целосно фалсификувана лиценца за работа, објави 4NEWS.mk
Истрагата за смртта на 63 лица во кобниот пожар отвори ново поглавје кое води директно до институциите. Според обвинението кое го поседува 4NEWS.mk, Џеваир Камбери, во својство на државен службеник во Министерството за економија, се товари за три тешки кривични дела: две одвоени дела „Примање поткуп“ и едно дело „Фалсификување службена исправа“.
Мито од 3.600 евра и фалсификуван потпис на Државен секретар, објави 4NEWS.mk
Обвинителите тврдат дека коруптивната шема се одвивала непосредно пред трагедијата. Во текот на март 2024 година, обвинетиот Камбери директно побарал и примил парична награда од сопственикот на клубот, Дејан Јованов.
Наводно, во просториите на самото Министерство за економија, Јованов му дал на Камбери 226.000 денари (повеќе од 3.600 евра).
Веднаш потоа, се наведува во обвинението, Камбери му издал на Јованов фалсификувана службена исправа – Лиценца за вршење на угостителска дејност со датум 13.03.2024 година, објави 4NEWS.mk
Шокантниот дел од обвинението е тврдењето дека Камбери „своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата Размена Чекиќ-Дуровиќ“, која во тој критичен момент ја извршувала функцијата Државен секретар во Министерството.
