
Што се сокрива зад португалската изјава?
Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик, вели државната секретарка на Португалија.
Дали државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Пола Закаријаш, е наивна? Дали е неписмена? Дали нештата ги говори случајно? Секако не! Португалија има клучна улога во грчкото прашање, со Лисабонската декларација во минатото. Тоа беше амбиција да се уништи македонската држава? Секако не! Тоа беше обид да ни се соопшти компромисот, кој ние сакале или не, ќе го прифатиме низ годините. Така и се случи, дојдовме до Преспански договор.
Дали сега повторно, Португалскиот предлог како што го именуваа ќе биде рамката која на крај ќе биде решението на бугарското прашање? Сакале или не, низ годините тоа ќе заврши со некој друг „преспански договор“! „Наивната португалка“ само ни соопшти за каков компромис да се подготвуваме. Таа изрази надеж дека изборите во јули ќе донесат решение за ветото на Бугарија за започнување на преговорите за членство на ЕУ со Македонија. Но во исто време ни соопшти што е веќе усогласено во рамки на ЕУ и што е прифатено од Бугарија. Само ние треба да прочитаме.
Закаријаш истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и да нема несогласувања во ЕУ. Тоа значи дека веќе е договорено со Бугарија. Останува само Македонија да го проголта договореното.
– Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да работат заедно, и Бугарија да има гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Бугарија има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат своите резултати пред да одлучат како да постапат – рече таа пред новинарите во Лисабон.
Втората Лисабонска декларација е всушност европеизација на бугарската рамковна позиција донесена во бугарскиот парламент со огромно мнозинство. Таа рамкова позиција беше собир на сите бугарски фрустрации низ минатото. Како таква не можеше да помине во ЕУ. Таа мораше да биде скротена и европеизирана.
После европеизацијата, од рамковната остана само бледа сенка на бугарските желби. Освен некои театрални „бугарски барања“, ништо не остана од нивните максималистички позиции. Но две се клучни, а тука Бугарија повторно ја изигра Европа. Тоа се очекувањата Бугарија да пишува македонски учебници по историја и признанието дека „македонскиот е јазик со бугарско потекло“. Токму тоа ни го соопшти португалката. Ако сакате ЕУ, наместо да се мачите со лобизам низ останати земји членки, најдобро да се подготвите за таков компромис.
Со други зборови, како што името беше и стана официјален услов за влез во НАТО, сега јазикот и историјата ќе станат официјален услов за влез во ЕУ. Португалката само беше една избрана личност која ќе ни го соопшти тоа. Таа тоа го направи и доволно е плукање по неа. Треба да се соочиме со реалноста, а таа е сурова за нас. Ние закаснивме во обид да спроведуваме туѓи агенди. Сега ја плаќаме цената. Да се подготвуваме за компромис за јазикот и да не трошиме време.