Милановиќ: Никогаш нема да се нарекувате сeвepнoмaкeдoнци

Балкан, Изјави, Македонија, Политика

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ даде целосна поддршка после вчерашната изјава од државниот секретар за европски прашања, Ана Паула Закаријас. „Вие никогаш нема да се нарекувате северномакедонски“, изјави Милановиќ на заедничката прес-конференција заедно со претседателот Стево Пендаровски.

За хрватскиот претседател, ваквата изјава на Ана Паула Закаријаш е од незнаење и невнимателност. И за македонскиот претседател Стево Пендаровски изјавата е погрешна.

„Македонија, ве викам така иако сте Северна Македонија, не ми е да предизвикам дипломатски скандал почитувам договори но, ова е злонамерна неинформираност која доаѓа од ЕУ, а не од регионот. Кога ќе почнете да навлегувате во интимниот простор на една држава има деликатни прашања, право на име, право на јазик, опортунистички се мотивите“ изјави Милановиќ.

„Од историчари кои толкуваат политика полоши се само политичари кои се занимаваат со толкување на историски епохи. Погрешна е изјавата на португалската министерка за виталните национални интереси и на Македонија и на Бугарија“ рече Стево Пендаровски во официјална посета на Загреб.

Двајцата претседатели се согласија дека среќа е за Македонија што од утре завршува Португалското претседателство со Советот на Европската Унија и започнува словенечкото. Тие гледаат пријател во Словенија која би можела да помогне во евроинтеграциите на целиот регион на Западен Балкан. Сметаат дека предолго се одложува проширувањето на ЕУ.

За Република Словенија немам апсолутно никакви дилеми дека ќе се одлични претседавачи со Унијата, рече Пендаровски.

Македонија и Албанија безобразно се држат пред вратата, како и Србија и Црна Гора. Тоа трае предолго, рече Милановиќ.

Претседателот Стево Пендаровски е првиот Претседател кој доаѓа во официјална посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Дводневната посета на Пендаровски кај Милановиќ се случува во очи на промената на претседавањето со Советот на Европската унија.