Мицкоски: Објавувам мораториум на напади кон ЗНАМ и Левица, НИКОГАШ НЕ БИЛО ПОВАЖНО МАКЕДОНСКО НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО

Македонија, Политика

Со зборовите „Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги” на Христо Узунов претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го започна говорот со кој го означи почетокот на кампањата од парламантарните избори 2024.

Потсетувајќи се на делата на многу други грамадни дејци од Охрид, како Методија Патчев, Петар Чаулев, Протоѓеров, Кирил Прличев, Глигор Прличев, Ефтим Спространов, Леон Лев Огненов, од НОБ исто. Петре Пирузе Мајски, Андон Дуков… кои оставиле безвременски печат, Мицкоски  нагласи дека Охрид е град на непокорот, град од каде се раѓала и негувала македонската револуционерна мисла, град на идеали, вера, истрајност, еснафлук, култура, цивилизација.

Од св. Климент и Наум до Самоил, од Глигор Прличев до Петре Пирузе Мајски. . . Овде се создавала историја, затоа од овде секогаш почнуваме, заради славните охридски семејства и овој народ тука кој живеел славна историја која до ден денес ни е патоказ како да ја чуваме и негуваме идејата во која веруваме, а идејата е Македонија, рече Мицкоски.

И од градот под Самуиловите тврдини претседателот на најголемата опозициска партија повтори дека народот доаѓа по своето.

Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија. Посилни од кога било! Стоиме гордо, исправено. Обединети, сложни, со јасна заедничка цел! Идејата не можат да ја уништат! Да, нашата идеја се вика Македонија, рече Мицкоски.

На неколку дена од првиот круг на претседателските избори, Мицкоски од Охрид одговорно и гордо порача: Победуваме!

Нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот! И да ја одземеме од рацете на стотината функционери од ДУИ и  нивните измеќари од СДСМ! Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата држава… Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДС и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде… накусо нема надеж и сон кои не се уништени. Но во нас мора да се роди повторно пркосот, не им ја даваме Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца, порача Мицкоски пред охриѓани.

– Никогаш не било поважно македонско национално обединување. Затоа, објавувам мораториум на напади кој ЗНАМ и Левица.

Со Левица и ЗНАМ имаме многу разлики, од идеолошки, до принципиелни, но мораме да најдеме заеднички јазик. Од нив не очекувам да го направат истото, можеби ќе ме нападнат и ќе речат дека е задоцнето. Но, ние ќе опстанеме на нашиот збор. Македонија мора да се обединува по сите основи, мора да се почне, токму сега и токму од нас. Ова нема врска со изборни коалиции, ние очекуваме историски резултат и историска побеа. За тоа се свесни и противниците, порача Мицкоски од Охрид.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Охрид им се обрати на сите Македонци, на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите… но и на членовите на СДСМ и ги повика да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и да бидат сигурни дека оваа партија нема да ги изневери.

Им се обраќам на сите Македонци гласајте за нас нема да ве изневериме.

До Албанците, гласајте за нас, ќе живеете подобро од сега, ќе работиме заедно за соживот и развој на државата.

Им се обраќам до Турците, секогаш сте ја поддржувале независна и самостојна Македонија, и со нас сте биле во сите наши победи и порази овие 30 години, и сега можеме заедно ќе направиме повеќе.

До Ромите, заедно да се бориме против сиромаштијата, да стекнеме нови победи и успеси за нашата иднина.

Сакам да се обратам до Србите во Македонија, споделуваме заеднички грижи и се бориме за заеднички вредности. Македонија е наша заедничка земја и вие сте ни потребни во оваа наша борба.

До Власите – секогаш заедно со нас сте ги воделе сите битки, така е и овој пат. И ќе победиме. Ќе победимеее.

До Бошњаците – мораме да изградиме општество на здрави темели, подаваме рака, и вие тоа го прифаќате. Дојдете со нас, за да имаме заедничка иднина.

И до сите останати. До христијаните, муслиманите, Евреите,  бидете со нас, ние ќе ви бидеме вашата потпора и грб, и со нас ќе ви биде подобро, ќе има работа, ќе има реформи и подобар живот.

Сакам да им се обратам на членовите на СДСМ… Знам дека постојат разлики меѓу нас, дека имате дилеми, дека можеби имате и стравувања, јас ве охрабрувам, сите сме граѓани на ова земја, и нема влакно да ви фали, ќе работиме заедно со вас ќе ги искористиме сите потенцијали на ова држава за да живееме подобро, затоа што се отселуваат и ваши и наши пријатели и роднини, затоа што и наши и ваши деца се разочаруваат од државава. Ајде да се обединиме и да ги направиме горди, да кажат нашите родители беа генерацијата која ги запре поделбите по партиска основа и ги мобилизираше сите во функција на развојот на државата… ви ветувам можете да се потпрете на нас. Гледате каква е ситуација и што се случува. Знам дека и вие се срамите од ова што се случува. Има многу од вас, дури и чесни функционери кои ми пристапуваат, и секогаш кај мене ќе имате отворена врата. . . ќе чекориме напред заедно. Ви ветувам тоа, порача Мицкоски од Градскиот плоштад во Охрид.

 

Првиот митинг од кампањата за парламентарните избори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го заврши како и што го започна, со зборовите на великанот на организацијата, охриѓанецот Христо Узунов.

Охридскиот војвода Узунов напиша во неговото писмо пред последниот здив даден во жестоката борба против поробителот- мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација…Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата света Организација.

Христо Узунов е светол пример на лојалност, храброст и саможртва за слободата која денес ја живееме. Тој на само 27 години влегува во сопствената смрт оставајќи печат дека кога човека верува непоколебливо во нешто што е толку скапоцено, како сопствената татковина, тогаш е подготвен да ја плати секоја цена. Кога ова го гледаме, денес и кога Македонија е одземена, цената која ние денес треба да платиме е излегување на избори, со масовна присутност и мобилизација да победат стегите на криминалот, апатијата и назадувањето и со гласачко ливче и пенкало да се реши работата.

Затоа ви велам визијата „Македонија повторно твоја“ е Македонија во која веруваш, и која ја сакаш и ја заслужуваш. Македонија на успеси, Македонија за која навиваш и со која се гордееш. Македонија на реформи, проекти, на работа, Македонија во која има ред, систем, поголеми плати и пензии, работа за сите, рече Мицкоски и потсети на зборовите на „Бисер балкански“, со кои народот гласно пее за Македонија.

Почнуваме силно и одлучно, во финалната трка од која ќе победи народот на Македонија.

„Победа“, нека ечи од сите краеви на татковината. Народот е на нозе. Надежта која ја создаваме е нашата енергија со која ќе ги промениме работите кои му тежат на овој народ. И ако некој се прашува ова се избори пред се за вас, за вашите семејства и заедничката иднина.

Кога го гледам мојот народ несреќен, нема индивидуална среќа. Ова е мојата најголема битка. Мојата единствена сила сте вие граѓаните на Македонија.

Да покажеме заедно дека силата на Македонија е во нас, во сите нас заедно, и да бидеме пример на сите идни генерации. Државата е твоја и време е да си ја вратиш во свои раце! Македонија повторно твоја, порача Мицкоски од Охрид.