ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ КАНДИДАТИ со предизборна реторика, осуди и црна кампања

Македонија, Политика

Иако претседателските кандидати се обврзаа на водење на фер и демократска кампања на терен го покажуваат спротивното.

Меѓусебните  обвинувања, дискредитирање на противниците, навреди и оцрнувања ја погреваат предизборната реторика. Коментар на граѓанин присутен на митингот во Куманово на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, упатен кон неговата против кандидатка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова дополнително ги крена тензиите.

Опозициската партија бара извинување од пендаровски за навредите од неговиот симпатизер. Осуда на коментарот упати Богданка Кузеска од тимот за комуникации на Стево Пендаровски. Таа вели дека коментарот е недоличен, навредлив и таа го осудува и дека ниту таа ниту претседателот Пендаровски не го поддржуваат.

Случајот го осудија и од ЛДП кои се дел од владејачката коалиција, а на социјалните мрежи се огласи и сопругата на Пендаровски, Елизабета Ѓорѓиевска која напиша дека осудува секаков вид на говор на омраза, навреди и клевети.

Од друга страна, и од СДСМ бараат извинување токму од Силјановска, поради нејзиниот говор на митингот во Центар и критиките упатени кон кандидатот Пендаровски. Според СДСМ, силјановска навредува, омаловажува и се заканува на неистомислениците.