
Здравствениот систем се распаѓа – прв пат во историјата два дена беа затворени 18 хируршки сали
Стотина пациенти наместо на хируршки интервенции биле вратени дома, здравствени работници два дена немале пристап до операционите сали. Од 7 до 9-ти овој месец целиот хируршки блок на скопските клиники не функционирал поради технички дефект, јави ТВ Сител.
Болни кои биле припремани претходниот ден за операција, јавува телевизијата, дополнително ќе го преживуваат стравот чекајќи повторно да бидат повикани од хирургот. За ова сведочи и скопјанец кој се јави во Сител, реагирајќи дека неговата сопруга е една од многуте кои ќе чекаат втора шанса за операција.
-На хируршките клиники сите биле подготвени за операција, и мојата сопруга и сите и во еден момент велат нема операции. Подготвени, неподготвени..Пациентите беа доведени во ситуација да им се одложат операции и да бидат пуштени дома со напомена дека дополнително ќе бидат повикани. Тоа техничката служба што е за задолжена за салите очигледно не си ја завршила добро работата, вели сопруг на пациентка.
Операционите сали од вчера повторно се во функција, но кој ќе одговара за овој голем и сериозен проблем кој ги загрози и пациентите и медицинските лица.
-За прв пат во историјата на македонското здравство 18 хируршки сали два дена не работеа поради технички проблем. Од Министерството за здравство велат овој случај да не се злоупотребува во политички цели и сите официјални информации да ги добиваме од МЗ. Меѓутоа, три дена здравствените власти не излегоа во јавноста да кажат зошто се одложуваат операции на пациенти, туку одговорија денеска кога побаравме официјално објаснување.
Проблемот бил во компресорската станица потврдија од службата за Заеднички работи кои се задолжени за опремата и од каде велат дека од 7 кога бил пријавен проблемот салите биле ставени надвор од употреба. Биле оштетени два цилиндри и по отстранување на дефектот, по два дена хируршките клиники биле известени дека можат да функционираат, велат од Заеднички служби.
На ден 07.04.2024 година околу 16 часот пријавен е проблем со компримиран воздух во објект Хирургија, по што операционите сали беа ставени вон употреба. Повикана е фирмата со која ЈУ од областа на здравството има договор за одржување на опремата, направена е проверка на опремата во компресорската станица и утврдено е оштетување на два цилиндри. По направената дефектажа и утврдување на проблемот, пристапено е кон отклонување на дефектот и на ден 09.04.2024 година околу 13 часот добиена е потврда дека системот може да се користи, по што за истото беа известени и Хируршките клиники.
Од здравство пак, преку соопштение велат дека два дена биле одложени само елективните операции поради дефект на еден од компресорите, а биле примани итни случаи за хируршка интервенција. Прашање е каде ги оперирале, ако заеднички служби велат дека салите биле надвор од употреба.