Рама со критика кон ЕУ: Не ги исполнувате ветувањата!

Балкан, Изјави, Политика

Премиерот на Албанија, Еди Рама, видно разочаран од последната одлука на ЕУ да не ги почне преговорите со Албанија и Македонија, упати неколку критики кон Унијата. Рама, во интервју со поранешниот специјален пратеник на поранешниот претседател Трамп – Ричард Гренел истакна дека Унијата не успева да ги исполни сопствените ветувања и дека стои зад критиките кон ЕУ што ги кажал деновиве.

Од една страна, тие велат дека сме подготвени да започнеме формални разговори, свикувајќи ја првата меѓувладина конференција а од друга страна, Советот на ЕУ не е во состојба да донесе одлука. Ова има врска со некои прашања поврзани со Северна Македонија и Бугарија, но, повторно, за нас е доста фрустрирачко и истовремено покажува многу, да бидам искрен, бидејќи лошото во ова е што се навикнуваме на фактот дека ЕУ повторно и повторно не ги исполнува своите ветувања – рече Рама.

Во интервјуто, Рама образложи дека ЕУ се потпира на механизам за донесување на одлуки со целосен консензус и доволно е една од земјите да има проблем и во овој случај, прашањето е меѓу Бугарија и Македонија и се’ е разнесено во воздух.

Тоа е идентично како да се чувствувате како дел од продолжение на делото на Самуел Бекет „Чекајќи го Годо“, но наместо Владимир и Естрагон, во оваа книга сме Албанија и Северна Македонија – рече Рама.