ВОНРЕДНИ ВЕСТИ: Миле повикан во ОЈО за дупката на плоштад

Забава

Откако беше притворен поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски поради сомневање дека дупката под фонтаната на Плоштадот Македонија е намерно подметната, односно оставена под површинскиот слој, со цел да предизвикува опасни инциденти, МКДенес од извори во Јавното обвинителство во Скопје дознава дека сепак на крај, обвинителите констатирале дека Миле е пак крив.

Како министер во владата на Никола Груевски, извршител во реализицијата на проектот „Скопје 2014“, Миле Јанакиески под површинската фонтана на Плоштадот Македонија подметнал дупка во вредност од 2,5 милиони евра, со цел да пропаѓаат граѓани и нивни возила, кои имаат желба да се возат по плоштадот.

После последниот инцидент во текот на вчерашниот ден, кога повторно пропадна камион, чашата е прелиена. Миле мора да одговара и веројатно ќе добие 845 месеци заслужен домашен притвор. Пред тоа камиони пропаѓаа во фонтаната уште три пати, а на Миле му се гледаше „кроз прсти“. Но веќе преминати се црвените граници.

Од обвинителите се потврдени сомневањата дека на критичната локација во текот на изградбата на фонтаната намерно е ископана голема дупка, која потоа е покриена со површинските плочки.

Според сознанијата на истрагата, целта на оваа диверзија е да се поттикнуваат вакви инциденти, за по падот на власта на Грујо, се создава лажна перцепција дека неговите наследници на челното место во Владата се неспособни да решат еден банален проблем, а не пак да направат проект Скопје 2034.

Дознаваме дека специјалниот обвинител од Зајас извршил увид на местото на инцидентот и веднаш издаде наредба за приведување на Миле.

Неофицијално, се планира да се ангажира екипа од распуштеното СЈО на чело со синот на Катица, која заедно со скопскиот Институт за заштита на симит погача, треба да ги утврди причините за слабоста на подлогата на фонтаната на Плоштадот Македонија. Екипата од власта ќе пристигне за два дена на местото на настанот, а од безбедносни причини, до догаш пропаднатото возило ќе остане на плоштад.

(Веста е измислена, сите сличности со реалноста се намерни)