Мицкоски е готов: Му се подготвуваат уште фракции во партијата кои бараат да си даде оставка

Македонија

Оливер Андонов, поранешниот еднодневен министер за внатрешни работи, денеска пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ ја објави „фракцијата за демократско ревитализирање“, која, како што рече, паралелно ќе делува во најголемата опозициска партија.

-Партијата која на почетокот беше симбол на македонската демократија стана симбол на политичка декаденција. Покрај оставката на Мицкоски и целта за организација на нови избори за нов претседател, бидејќи сметам дека Мицкоски е потполно потрошен, ќе следува и повик до членството во комитетите, кои се речиси целосно мртви, да се обединиме – рече Андонов.

– Денешната прес-конференција е со единствена тема – јавен и отворен повик до Мицкоски да си даде оставка од својата позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори со тоа патот да се извршат неопходните демократски промени во ВМРО-ДПМНЕ и партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција – рече Андонов.

Според него, фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство.

– Кога велам потрошен, потрошен е политички, затоа што ако тргнеме наназад пет години, кажете ми една работа која Мицкоски ја направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или одбранило некој национален интерес во Македонија.

Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени – рече Андонов.