КОЈ ГО „ХАКНА“ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ !?
Официјалната веб-страница на Министерството за образование и наука продолжува да не работи по синоќешниот сајбер напад. Неколку часа на сајтот на ова министерство стоеше пораката „Нападнати од грчкиот хакерски тим Нетвочерс“, додека сите објавени линкови водат до видео на YouTube со наслов „Позната Македонија“. Од Министерството за образование велат дека нема простор за загриженост, додавајќи дека на оваа страница не се наоѓа базата на податоци за граѓаните.
„Министерството за образование и наука е во комуникација со Националниот центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации, каде што е пријавен случајот и од каде очекуваме со поддршка на Министерството за внатрешни работи, да се преземат конкретни активности за наоѓање на изворот и локацијата на нападите. Во меѓувреме, ИТ службата на Министерството за образование, со поддршка на надворешни соработници, презема активности за зајакнување на безбедноста на веб-страницата, по што таа повторно ќе се активира.
Нема потреба да се грижите за наводно преземање на некои бази на податоци на граѓани, бидејќи такви бази на податоци нема на страницата и таа е само информативна“, велат од Министерство за образование и наука.
Ова не е прв пат веб-страницата на Министерството за образование да се соочува со вакви напади. Во месец август оваа страница не работеше, додека во истиот период под сајбер напад беше и електронскиот систем за поддршка iKnow на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Исто така, во февруари оваа година, страниците на Министерството за образование, надворешни работи, Владата и Народната банка беа цел на напади на лица кои на Твитер тврдеа дека се дел од грчката хакерска група „Моќна Грција“. МВР тогаш тврдеше дека се работи за лажна вест, односно дека нивниот сајт не бил цел на хакерски напади, дека работи без прекин и дека снимките кои потоа беа објавени на Твитер за сомнителен хакерски напад од Грција не биле од просториите на објектот на Министерството.