МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОДБРАНА го потврди Богојески за лагата на Апасиев

Македонија

Министерството за одбрана ги демантира како невистинити тврдењата на Апасиев од партијата Левица, кој тврдеше дека Македонија плаќа „300 милиони евра годишно за НАТО“, а со тоа го потврди Богојески од партијата Македонски Концепт, кој реагираше на лажните изјави на Апасиев.

„Не е вистина. Првенствено вкупниот одбранбен буџет воопшто не изнесува 300 милиони евра. Одбранбениот буџет е околу 220 милиони евра, но овие средства се наменети за нашата Армија – за функционирањето на Армијата и нејзината опременост. Конкретно за членство во НАТО секој граганин на Северна Македонија троши околу едно евро годишно, односно годишната сума за членарина изнесува 1,8 милиони евра. Тоа е сумата, значи речиси 200 пати помалку од она што се лиферува како комплетна, целосна дезинформација“, се вели во одговорот од Министерството за одбрана за овие тврдења на пратениците на Левица.

Претходно Богојески информираше дека износот кој Македонија го плаќа како контрибуција за НАТО изнесува од 1.6 до 1.8 милиони евра годишно и тоа е најевтината одбрана на земјава, која воопшто некогаш сме ја имале.

Тој го демантираше Апасиев со аргументи, по што беше изложен на серија на напади и омаловажувања на социјалните мрежи од секташи на Левица, кои инсистираат да веруваат на лудите тврдења на нивниот лидер.

Инаку, пратеникот Апасиев во објавата на социјалните мрежи од 26 јули 2022 која ја пренесе и порталот „Антропол“,  напиша:  „300 милиони ЕУР годишно за НАТО! И после немало за градинки, пожарни и амбуланти… Е па, нема де. Шо е тука чудното!? Нато фундаментализам“.

Пратеникот Крмов од Левица пак, критикувајќи ја одлуката на властите за донирање на тенкови и авионите Сухој на Украина, во јавната објава на социјалните мрежи на 4 август 2022 што ја пренесе и порталот „Антропол“, меѓу другото вели дека „АРМ е сведена на обични платенички одреди на НАТО и тоа иронично, каде не ни плаќаат, туку ние плаќаме околу 300 милиони евра годишно!“.

Но, официјалните податоци од државниот буџет и од Министерството за одбрана даваат сосем други бројки. Според нив, поконкретно, вкупниот ребалансиран одбранбен буџет за 2022 година изнесува точно 13.177.000.000 денари (214 милиони евра).

„За членарини во трите буџети на НАТО (цивилен, воен и безбедносно инвестициска програма) за 2022 година Република Северна Македонија придонесува со определен процент. Министерството за одбрана за годишна контрибуција во заедничкиот буџет на НАТО има планирано 113.000.000 денари (1,8 милиони евра) во Буџетот за 2022 година“, се вели во одговорот на МО.

Како што наведуваат од Министерството, средствата предвидени во буџетот за модернизација и опремување на Армијата изнесуваат околу 3.417.000.000 денари (55,5 милиони евра). Но, според МО, тоа се средства кои се вложуваат во АРМ, како Армија на членка на НАТО се модернизира со опрема компатибилна со стандардите на НАТО.

„Значи, овие пари не се уплатуваат на сметката на НАТО туку се вложуваат во опременоста на секој наш војник и офицер. Околу 27% од Ребалансираниот буџет на МО за 2022 година е наменет за модернизација на Армијата. Со тоа втора година по ред го исполнуваме едниот сегмент на таканаречениот DEFENCE INVESTMENT PLEDGE за вложување во опрема и модернизација повеќе од 20%“, велат од Министерството за одбрана.

Предходно Богојески јасно објасна дека никогаш Македонија немала вкупен буџет за одбрана од 300 милиони евра, па ниту за време на војната во 2001 година, а не пак сега да плаќаме таков износ во НАТО.

За се вкупно, набавката на лесни оклопни возила, набавката на специјални возила за посебни намени за опремување на лесната пешадиска баталјонска група, набавката на логистичка опрема, набавката на информатичка опрема и сајбер одбрана, како и набавувањето опрема за пешадија, за извидувачки единици, артилериски средства, за бруто плати и надоместоци на вработените, пензии за пензионирани воени лица, трансфери до ЕЛС за територијалните противпожарни единици, реновирање на касарни, реконструкција на објекти, инвестиции во човечките ресурси, подмладување на Армијата, и други тековни трошоци (комуналии, надомест за станарина, дневници за дежурства и стражарска служба и др), македонија не троши 300 милиони евра, како што лаже Апасиев.

Што се однесува до начинот на директно и индиректно финансирање на НАТО и на одбранбените буџети на секоја земја-членка, официјалните објави на Алијансата посочуваат дека во 2006 година, министрите за одбрана на НАТО се согласија да посветат минимум 2% од својот бруто домашен производ (БДП) на трошоците за одбрана за да продолжат да ја обезбедуваат воената подготвеност на Алијансата.

Според податоците на одбранбен буџет на Северна Македонија за 2022 година, трошоците на земјата за одбраната се околу 1,7% од БДП. Во 2021 година, изнесувал 1.57% од БДП, а тек во 2024 година е планирано да го достигне нивото од 2%.

Треба да се истакне дека во минатото имало Буџети за одбрана кои биле над 2% од БДП. Со доаѓање на власт на СДСМ и министерувањето на Шеќеринска, тој износ драстично опадна.