РЕАКЦИЈА: МКонцепт бара извинување од Габриел Ескобар за „северномакедонци“

Македонија, Политика, Свет

МКДенес во целост ја пренесува Реакцијата на Македонски Концепт кон специјалниот пратеник на САД на Балканот, Габриел Ескобар кој во брифинг за новинарите од Македнија, Македонците ги нарече „северномакедонци“:

Почитуван господин Ескобар,

високо ја цениме вашата лична заложба за продлабочување на македонско – американското пријателство, што претставува и наша јасно изразена политика низ годините кои поминаа и тие кои доаѓаат.

Особено ги почитуваме вашите конкретни чекори за борба со корупцијата и организиран криминал во нашиот балкански регион, без кои е незамисливо успешно сузбивање на истите. Тука сме заедно, рамо до рамо, да постигнеме најмногу што е можно во овој историски контекст.

Господине Ескобар,

треба да знаете дека употребата на терминот “северномакедонци” е најнавредлив за нас Македонците, па секој кој не почитува и сака да ни биде пријател, нема да си дозволи негова употреба и таква гадна навреда кон нас. Секој кој употребува назив “северномакедонци” за нас Македонците, е наш непријател и треба тоа јасно да му биде кажано.

Почитувајќи ве вас како пријател, кој доаѓа од пријателска земја како САД, должни сме да ви укажеме на истото, особено дека е неприфатливо така висок функционер како вас, да не е информиран за ова наше чувство.

Тоа е најмногу неприфатливо да доаѓа од претставници кои себе се декларираат како заштитници на Преспанскиот договор, бидејќи токму тие треба да ги познаваат деталите и да ја почитуваат таа Преспа. Во предметниот договор, јасно е дефиниран називот на нашата нација како македонска и на нашиот етникум како Македонци, а од тука и прашањето до вас, зошто излегувате надвор од договореното во Преспа, чиј гарант е токму вашата држава?

Можеби станува збор за ненамерна грешка или неинформираност, за што ве повикуваме истата да ја исправите и да се извините на македонските граѓани. Тоа ќе биде вистински чекор од ваша страна кон градење на уште посилна доверба помеѓу нашите нации и држави.

Тоа особено го очекуваме од вас, како претставник на американската нација и држава, која е лулка на слободата и демократијата во светот.

Почитуван Ескобар,

називот на вашата нацијата не произлегува од името на државата, па така вие во САД не сте „Соединетоамериканци“, ниту од вашиот регион Северна Америка и не сте „Северноамериканци“, туку едноставно Американци припадници на американската нација. Исто и кај нас, ние сме Македонци припадници на македонската нација и бараме истото да го почитувате, доколку се почитувате себе си и вашата нација.

Ќе бидеме искрено благодарни за евентуално такви чекори од ваша страна, а ние Македонците знаеме за искажаната помош и пријателство, многукратно пријателски да возвратиме.

Македонски Концепт останува на трајната определба за градење на високо ниво на доверба и соработка помеѓу Македонија и САД, за што ве уверуваме дека во иднина, како и до сега, ќе имате искрен партнер.

Во надеж дека навредите кон нас нема да се повтораат, а извинувањето од ваша страна ќе стигне брзо, пријателски ве поздравуваме и ви посакуваме огромен успех во вашата мисија за декриминализација и деболшевизација на Балканот, мисија која заеднички ја споделуваме.

Македонски Концепт