Македонската влада на Украинците им испрати дијазепам

Европа

Од Владата потврдуваат дека хуманитарната помош во вредност од околу 44.000 евра е веќе пристигната во земјата, а македонските власти се подготвуваат да обезбедат уште една помош во лекови.

Република Северна Македонија во координација со сојузниците во НАТО, а соодветно на потребите на Украина и нашите капацитети има дадено поддршка за Украина и Украинскиот народ. Веќе е реализирано испраќањето на хуманитарна помош за Украина.

Согласно нивните потреби, Министерството за здравство презема активности за обезбедување донации од лекови и медицински средства, и во соработка со Министерството за одбрана и амбасадата на Украина е организиран превоз и помошта е доставена до крајната дестинација.

Инаку, веќе се преземаат подготвителни активности за реализација на уште една донација за обезбедување медикаменти и антибиотици.

Согласно одлуката на Влада, нашата држава во три наврати испрати и воена помош за Украина. Дали во следниот период ќе се испраќа дополнителна помош зависи од побарувањата, но пред сѐ во согласност со нашите капацитети, велат од Владата.

Пратката се состои од диезепами, антибиотици, антихистаминици и лекови за кардиоваскуларни заболувања.