Синодот на МПЦ-ОА со апел во врска со францускиот предлог

Македонија, Политика

Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) денеска упати апел за неприкосновено зачувување на македонските национални интереси.

Синодот на МПЦ-ОА вчера одржал седница на која се разговарало за евроинтеграцискиот процес на земјата.

„Синодот очекува на транспарентен начин, Владата во содејство со сите надлежни општествено-политички фактори во македонското општество, да изгради став кој целосно ќе го зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура во рамките на европските вредности. Во овој процес, историските прашања и Договорот за добрососедство со Бугарија не треба да бидат дел од преговарачката рамка“, соопшти МПЦ-ОА.

Се очекува наскоро предлогот на Франција за надминување на проблемот меѓу Скопје и Софија во интегрална форма да биде објавен на официјалната веб страна на Владата. Во моментов во Владата коалиционите партнери го разгледува предлогот на француското претседателство, а потоа ќе следат консултации и со експертската и стручната јавност како и медиумите.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа информираше дека во новиот францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ, историските прашања и Протоколот од Договорот за добрососедство не се дел од преговарачката рамка.