БУГАРИЈА официјално со потера за БОГОЈЕСКИ

Балкан, Политика

Политичкиот активист Петар Богојески минатата недела бил задржуван на грчките гранични премини, бидејќи, како што го известиле грчките службеници, во системот на ЕУ имало распишано потерница против него од страна на Бугарија.

Грчките службеници го задржувале на три гранични премини со цел да се извршат проверки за причините за бугарската потерница, за која во системот на ЕУ немало образложение зошто е поставена.

„После сите непријатности на грчките гранични премини, како ЕУ премини, на мое инсистирање, грчките службеници ме известија дека Бугарија има распишано потерница против мене во системот за гранично управување на ЕУ, без да наведе образложение за причините / основ за истото, или барем така ми кажаа Грците“, вели Богојески за „Фокус“.

По ова, тој поднел барање до македонското МНР да реагира кон Бугарија и да побара информации и постапката е започната. Се уште нема одговор од страна на бугарското МНР по кој основ и меѓународен акт, Бугарија распишала потерница против Богојески со што доколку влезе на бугарска територија му се заканува прогон како „персона нон грата“.

Барањето на Богојески испратено до МНР

„Грците ме советуваа да одбегнувам патување преку Бугарија, со што бев приморан да го сменам планот за враќање од Турција и наместо преку Бугарија, од Одрин да се симнам на југ и да се вратам преку Грција. Планирам да побарам објаснување и од самата ЕУ и канцеларијата во Скопје, најавува Богојески.

Тој додава дека ова е класична злоупотреба на ЕУ инструментите од една земја членка Бугарија за пресметка со македонски граѓанин, неподобен за бугарските интереси, на ист начин како што Бугарија го злоупотребува пристапниот процес на Македонија за своја национална агенда.

Македонското МНР ги потврди информациите со одговорот дека барањето е проследено до Бугарија.

Богојески на неговата фан страна објави потврда за постапката на Бугарија против него со следнава содржина:

Почитувани граѓани,

на прогонот кој власта во Македонија го спроведува кон мене, им се приклучи и официјална Бугарија!

Поради мои политички и идеолошки убедувања, Бугарија распишала меѓународна потерница, без никаков правен основ, без известување и образложение, со цел да ме заплаши и замолчи!

Имам порака до властите во Бугарија… ниту Грујо, ниту Зајко, па најмалку вие ќе ме исплашите и замолчите!!!

Со дупло посилно и пожестоко темпо ќе ги бранам МАКЕДОНСКИТЕ НАЦИОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ, без разлика дали тоа му се допаѓа на некој во Софија или не!!!

ЗА ДЕЛОТО И КАУЗАТА!

ЗА ИЛИНДЕН!

ЗА МАКЕДОНИЈА