БЕЛЕЖНИК: На денешен ден во Македонија…

БЕЛЕЖНИК

На денешен ден, 20 мај 1876 година, Македонското население од Источна Македонија го кренало Разловечкото востание против Османлиската Империја со центар во селото Разловци.

Главен иницијатор и организатор на востанието бил Димитар Поп Георгиев Беровски (1840-1907 г.) и неговиот дедо Поп Стојан од Разловци.

Најголем проблем за успешно изведување на востанието претставувал недостатокот на парични средства со кои требало да се набави оружје, муниција, топла зимска облека и санитетски материјал.

За да дојде до пари, Димитар Беровски одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел, дел од својот имот продал и Поп Стојан, кој ветил и дека ќе го исплати сиот десеток за селаните од Разловци, за да можат да купат оружје. Со овие средства било купено оружје и муниција, кои биле пренесени во тајни складови во Разловци, Пијанечко и во Радовишко.

Покрај тоа, неколку месеци пред востанието, Димитар Беровски им порачал на двете учителки од Солун, Недела Петкова и Станислава Караиванова, кои биле мајка и ќерка, да изработат знаме за идното востание. Знамето, со димензии 186 х 165 сантиметри, е црвено, со жолт квадрат на средината во кој има разјарен лав, а над лавот, исто така во квадратот, е испишано „Македония“. Подоцна, по избувнувањето на востанието, во Разловци, на знамето било дополнително извезено „Станете да ве освобода“.

На 20 мај 1876 г. во утринските часови Разловци било нападнато од востаниците. Некои Турци биле убиени, а други ранети. Селаните ги изгореле нивните дефтери. По наредба на Поп Стојан, син му Костадин го запалил сопствениот ан за да им даде пример на селаните дека го жртвува имотот за слободата која е поскапа од сè. Откако се пресметале со тамошните Турци, еден дел од четата, предводена од Беровски, заминала кон Малешевијата, за да се соединат со од порано подготвени 300 малешевци.

Другата група под водство на Цоне Спасов требало да ги евакуира жителите на Разловци и нивната стока, а потоа да се приклучи кон главните востанички сили. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со една помала турска воена единица. Таа била растерана, но Беровски бил ранет во главата. Оваа неповолна состојба делувала негативно и востаниците наместо да одат кон Малешевијата, се вратиле назад, во Разловци. Од Разловци, четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Кочанско.

Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон селото Смилјанци, Радовишко, каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа, во Смилјанци дошло до предавство од месниот полјак во Радовиш, така што и тука турскиот аскер брзо реагирал и востаниците доживеале неуспех. На 29 мај, тирскито аскер, засилен со башибозук од околу 1 000 души, тргнале во противофанзива против 300 востаници.

Селаните кои не успеале да побегнат биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението, а некои од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Сер, Солун, Скопје и др. Поп Стојан се самоубил, а околу 30 востаници од разловечката чета, на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски, успеала делумно да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.