КОЛУМНА Ајрулаи: ДУИ девојка за сите партии

Колумни

ДУИ девојка за сите партии

пишува м-р Лyлjета Аjpyлаи, копретседател на Женски Концепт

Каква тажна судбина имала Македонија, откако стана независна држава, да ја водат и управуваат партии кои ја обезличија и ја уништија. Веќе 30 години во оваа земја владеат едни те исти партии, кои се менуваат на власт. И додека кај македонскиот политички блок ротираат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во коалиции со сателитчиња, кај албанската страна настана мрак и блокада.

Имено, откако се појави ДУИ на политичката сцена и откако се качи на власт повеќе не се симна. Се навршија 20 години. Сите се прашуваат како е можно тоа? ДУИ милуваат да се фалат дека ги сака народот и ги гласа. Па да, затоа ДУИ на секои избори врши поткуп, уцени, закани, притисоци, полнат гласачки кутии, на тој начин ДУИ го сака народот и на тој начин народот од “љубов” гласа за ДУИ.

Ова сакање и приврзаност сите го знаат ама не може секој да го разбере. Е сега, освен народот што “го сака и го гласа” ДУИ, има и други што го сакаат ДУИ. Едни од тие другите се и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ама љубовта на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е тајна, интригантна, длабока и што подалеку од очите на јавноста.

Особено финансиската љубов на овие три партии е многу силна и тешко може да се раскине. Затоа и СДСМ кога е на власт и ВМРО-ДПМНЕ кога е на власт мора до себе да ја имаат ДУИ. Ако се случи да дојде на власт некоја трета македонска партија, ДУИ веднаш ќе се залепи и за неа, бидејќи ДУИ е сестрана, девојка за сите партии, флексибилна, адаптабилна, и пренослива веднаш влегува во организмот како корона.

Помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ покрај тајната љубов има и глума. Па така пред секои избори откако ќе го измерат рејтингот, тие почнуваат да драматизираат, да изиграваат патриоти, да глумат како не се сакаат, дека се мразат, дека се разочарани едни од други, дека не сакаат повеќе да имаат врска односно коалиција и секакви други замајувања на јавноста.

Што, не ми верувате на ова што го пишувам? Доколку не ми верувате мене, тогаш само погледнете го однесувањето и реториката на Заев на предвремените парламентарни избори во 2020 година и однесувањето и реториката на Мицкоски во овој период, и секако реториката и однесувањето на ДУИ и тогаш и сега. Доколку не приметувате ништо, токму тоа е причината што 30 години само пропаѓаме.