ПУТИН удри на Србија, ВУЧИЌ ја подготвува јавноста за нов курс

Балкан

Ден по изјавата на Путин околу Косово таблоидите, кои се ‘рбетот на власта на Вучиќ, не можат да поверуваат и пишуваат „Зарем вака браќа Руси?“

Ден по наведувањето на Косово од страна на рускиот претседател Владимир Путин како преседан за признавањето на одметнати украински региони од страна на Русија, таканаречената Донецка Народна Република (ДНР) и  Луганска Народна Република (ЛНР), српските медиуми реагираа крајно бурно на неговата изјава. Најавено е и вонредно обраќање на претседателот Александар Вучиќ на нацијата.

Како што дознава „Блиц“, Вучиќ во петок или сабота ќе има обраќање во кое ќе се занимава со објаснувањето на рускиот претседател за признавањето на ДНР и ЛНР. Се очекува да зборува и за испораката на руски гас за Србија, особено во контекст на затворањето на славините за Бугарија.

Насловните страници на српските весници од четвртокот, особено таблоидите кои се во многу блиски односи, па дури и под контрола на властите на Вучиќ, отворено покажуваат шокираност од одлуката на Путин.

Така, „Информер“, кој е многу близок до Вучиќ, излегува со наслов „Светски конфликт врз наш грб: Путин игра на Косово“. Со мали зборови, се наведува дека „Путин се повика на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2009 година, која е донесена благодарение на Вук Јеремиќ“, што покажува дека „Информер“ не ја пропушта можноста да се пресмета со актуелните домашни политички противници на Вучиќ.

Поумерениот „Блиц“носи насловна страна во која се доведува во прашање лојалноста на Србите кон Путин: „Дали ние како народ премногу му се заколнавме на рускиот претседател: Путин поради војната ги заборави Србите и Косово“.

Многу поостар е таблоидот „Српски Телеграф“ – тој на насловната страна од четвртокот го носи насловот: „Зар вака браќа Руси? Путин ѝзаби нож во грб на Србија: Го трампаше Косово за Донбас“.

И „Курир“ не е воодушевен од Путин на насловната: „Гол интерес: Путин со свој интерес ги штити интересите во Донецк и Луганск, без да ја земе предвид позицијата на Србија во Косово“. Во продолжение на насловот интересно е да се нагласи пораката дека „нашата држава мора да се води исклучиво од сопствените интереси“.

Таблоид „Ало!“ ја искористи изјавата на Путин на својата насловна страница во „регионален контекст“. Така пишува „Славје во Приштина, Загреб и Сараево поради изјавата на Путин“.

Во „регионалната“ линија е и „Вечерње новости“, уредувано од познатиот пропагандист на Милошевиќ, Милорад Вучелиќ, кој силно и отворено ја поддржува Москва од почетокот на руската инвазија, за разлика од некои други весници под контрола на Вучиќ. Новости ги истакнува известувањата на хрватските и босанските медиуми, па заедно со „скриншот“ од насловите од порталите „Јутарњи лист“ и Дневник.ба пишуваат: „Напади од Хрватска и БиХ поради изјавата на шефот на Руската Федерација: „’Го толкуваат’ Путин за да удрат на Вучиќ“.