БИДЕТЕ ВНИМАТЕЛНИ: Се појави нов сој со овие симптоми

Живот, Македонија, Храна и Здравје

Камелеонскиот коронавирус е во постојана промена, а додека ќе трае, нема убедливи и научно засновани прогнози. Деновиве, Светската здравствена организација (СЗО) предупредува на мутантната варијанта на ковид-19 или омикрон, наречена XE, која е десет отсто позаразна од подваријанта BA.2.

Станува збор за „рекомбинантна“ варијанта на вирусот, која се јавува кога некој ќе се зарази со два или повеќе соеви на ковид-19 истовремено, односно со подваријанти BA.1 и BA.2. Тоа значи дека XE би можел да биде околу 43 отсто позаразен од оригиналниот омикрон што го опустоши светот минатата зима. Поентата е дека генетскиот материјал на овие варијанти се меша во пациентот.

Досега во Македонија не е откриен случај на XE варијанта на омикрон, но со оглед на фактот дека се работи за многу лесно пренослива форма на коронавирусот, не треба да се сомневаме дека е само прашање на време кога тоа ќе се случи.

Имено, за овој XE подсој на омикрон, експертите велат дека би можел да го предизвика шестиот бран на коронавирусот во Европа со оглед на брзината на ширењето. Првпат е откриен во Велика Британија на 19 јануари и моментално е доминантен во земјата, односно со него се заразени околу 86 отсто позитивни на ковид-19. СЗО предупредува дека XE сè уште се проучува многу темелно за да се утврдат сите разлики во однос на BA.1 и BA.2 варијантите на омикрон, односно можно е да се работи и за сосема нов сој.

Додека ова не се утврди, се води како сите овие подсоеви да се дел од „семејството“ на омикрон. За среќа, и XE не предизвикува потешки форми на болеста како и другите подсоеви на омикрон. Експертите истакнуваат дека почетните симптоми на заразата се замор и вртоглавица, а потоа главоболка, воспаление на грлото и мускулите и треска.

Но, изненадувачки, не се појавува губење на мирисот и вкусот како кај првичните соеви на коронавирусот. Може да се појават и гастроинтестинални симптоми како што се дијареја, гадење и повраќање и болки во стомакот.