
ПОНЕДЕЛНИЧКИ со Бале до финале
Понеделнички со Бале до финале!
Пишува магистер Бале за „Руски интерес“!
1. Новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков, најави дека бугарски службеници, активно работеле на создавање на атмосфера за нерешавање на македонско-бугарскиот спор и Македонија во иднина да биде блокирана кон нејзиниот евроинтегративен пат. И истите работеле во корист на руските интереси на Балканот. Добро утро!
Од самото ставање на ветото пред две и пол години, од претходната владејачка гарнитура, предводена од двоецот Борисов/Каракачанов, немаше изјава, интервју, колумна во кое да не го напишам и постојано да го тврдам истото. Бидејќи на Петков му се случи „еурека“, следниот чекор е да ги обзнани тие петтоколонашки бугарски структури и истите да ги исчисти и измете од патот на Македонија кон Европската унија.
2. Пописните резултати, кои беа објавени минатата недела, предизвикаа „бура од реакции“ во целокупната македонска јавност. Политичари, аналитичари, медиуми, ману, мпц, поитаа веднаш кој целосно да ги отфрли, кој заобиколено да ги испроблематизира резултатите, се со една цел: креирање на атмосфера за дестабилизација на политичката сцена во Македонија. И тоа е руски интерес.
Македонија да стане институционална faild state (пропадната држава), во која никој ќе нема верба во нејзиниот систем. Со помош на исказите на „лидерите“ на помалите етнички партии на Турците, Ромите, Власите, на пат сме да го оствариме и тоа.
3. Пописот се уште, после тридецениска независност се гледа приоритетно како етничка операција за мерење на етничкиот сооднос, пред се помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Наместо да биде тоа што сите, ама само декларативно се заложуваат: навидум обична статистичка операција, која треба да ни направи ренген слика на демографските, образовните, социјалните, инфраструктурните и стопанските капацитети со кои располага една држава, за нејзиниот иден проектиран општествен раст и развој на микро и макро ниво.
4. Во вториот месец од воената агресија на московскиот Вампир врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина како независна држава и врз украинските граѓани, губејќи ги позициите пред Киев, руската воено-злосторничка армија извршила невидени масовни убиства на цивили во предкиевскиот град Буча. Врз жени, деца, обични цивили.
За ова, еден ден освен божјиот суд, мора да има и цивилен, меѓународен, и по командна и индивидуална одговорност, воените монструмски злосторници да одговараат пред суд. Како во Нирнбершкиот процес. Македонија, односно повеќе од половина од етничките македонски граѓани се уште се радуваат на путиновата „операција за денацификација“ на Украина.
5. Победата на Вучиќ и Орбан на север и уште посевер од нас, ни докажува дека во скорешна иднина ќе го гледаме се уште филмот „на север ништо ново“. Селфито на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, со старо-новоизбраниот унгарски премиер, е доказ за тоа која страна во руската агресија врз Украина, водачот на македонската опозиција ја одбрал.
И српско-унгарските неприкосновени лидери, номинално ја осудија и ја осудуваат руската агресија, но реално (интимно) тие злорадуваат и ја оправдуваат. Тоа може да се примети и види од „месечината“. Не се потребни непочитувањето на санкциите кон Москва, како доказ.
Еден ден, после „час поскоро“ предвремените избори, на кои Мицкоски се гледа како иден премиер на Македонија, ќе треба да коалицира со некој албански коалициски партнер. Кога „лисицата од Мала Речица“ ќе поита да направи влада „победник со победник“, ќе биде викнат на Калето и ќе му биде покажано селфито на Мицкоски со Орбан. И ќе му се јави да му каже дека не може да направи влада со него.
Исто онака како што му се јави на Груевски вечерта кон крајот на јануари 2017-тата година. Овој кога го стоеше и ѕиркаше зад завесата, чекајќи абер и „бел чад“ од Мала Речица. Аберот стигна, ама чадот беше црн. И го одведе на бреговите на Дунав.