
СКАНДАЛ! Еве на кој начин „ИСПУМПАЛЕ“ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА
Непостоечка фирма во Скопје, со фалсификувани документи, фалсификувани ИСО сертификати и потписи, конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година добила најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои давале буџетски средства, образложи Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница.
Од ДКСК, како што најавија, ќе достават иницијатива за кривично гонење во Основното јавно обвинителство во Скопје, како и предупредување-известување до Владата, на седница да ги известат сите надлежни органи во постапките за лифтови доколку се појави таа фирма.
Од ДКСК нагласуваат дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразуваат надеж дека за овој случај ЈО ќе постапи експресно. Оваа фирма била поврзана уште со две други фирми од Скопје, кои работат исто така на монтажа, сервисирање и одржување лифтови, од причина што управителот на оваа фирма е вистински сопственик на овие два други трговски субјекта.
Според Георгиев, предметот во ДКСК е по пријава за наводи за сомнежи за користење фалсификувани ИСО сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје.
Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, рече дека се работи за класичен криминал и делување и доколку овие субјекти дејствувале подолг временски период ќе се открие дека тие работеле не само кај јавни јавни субјекти, туку сигурно и во станбени згради. Таа укажа дека таа група која функционирала ја знаела слабоста на актуелниот закон. „Замислете која е опасноста, со лажни сертификати за лифтови, животи се во прашање“, изјави таа.
Георгиев појасни дека Градската Општа болница објавила тендер, а Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма вложила жалба до државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована.
„Во електронската кореспонденција може да се констатира дека фалсификувањето на овие ИСО сертификати е направено така што физичко лице од земјава, претставувајќи се како главен управител на фирма застапник на фирмата за сертифицирање од Хрватска, од свој домејн во врска со објавениот тендер, до електронските пошти до економскиот оператор што ги поднел фалсификуваните сертификати и до Комисијата за јавни набавки, доставил лажна информација дека овој непостоечеки трговски субјект е официјален застапник на хрватската фирма за сертифицирање.
Овој трговски субјект нема евиденција во Централниот регистар во Република Северна Македонија. Ги прикачил лажните сертификати, како и фалсификувана потврда, за извршена сертификација од хрватската фирма, како и фалсификуван потпис од лице од Хрватска во својство на директор на фирмата за сертифицирање“, појаснува Георгиев.
Меѓу другите информации и контакти остварени од страна на Антикорупциска, Георгиев остварил контакт и со директорот на хрватската фирма овластена за сертификати, од каде било потврдено дека сите ИСО сертификати кои биле користени при учеството на тендерот објавен од Општата Градска болница, се фалсификувани.
Бил наведен и податок дека и други субјекти се пожалиле од таа фирма за акредитација од Хрватска оти такви сертификати буле повеќекратно употребувани од оваа фирма од нашата држава.