СПЕЦИЈАЛНА порака од САД до Македонија и соседите

Свет

Корупцијата претставува најголем проблем на Македонија и земјите од Западен Балкан, изјави специјалниот пратеник на САД Габриел Ескобар, додавајќи дека САД ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки, вклучително и санкциите, за да ги казнат дестабилизирачките актери.

За жал до сега не видовме ниту една акција од САД или било каква санкција кон тие „актери“, кои настапуваат во Театар Корупција. Постојаната закана без конкретни мерки и резултати е јалов обид за средување на работите на Балканот.

– Корупцијата е канцер кој ја нагризува вербата на граѓаните во демократијата, го намалува инстинктот за иновативност и креативност, па на тоа се трошат и онака оскудните буџети, што ги скратува инвестициите. Се троши талентот на цели генерации – изјави Ескобар за „Дневни аваз“, но не презема ништо.

Tој рече дека тоа ги плаши инвеститорите, додавајќи дека САД се посветени на промовирање одговорност, како и залагање за казнување на оние кои се вклучени во корупција во Западен Балкан и во целиот свет.

– САД ќе продолжат да ги користат сите достапни алатки, вклучително и санкции, за да ги казнат злонамерните и дестабилизирачки актери, како и организациите и компаниите кои ги поддржуваат – порача Ескобар.

Но сведоци сме дека освен празни закани, до сега не се преземени никакви мерки кон ниту едно лице. Напротив, најкорумпираните политичари во земјава се уважувани со најголеми почести од САД. Таков случај имавме неодамна, со кој реномето и намерите на САД се ставени под сериозен знак прашалник.

Ескобар рече дека младите го напуштаат Западен Балкан за да најдат работа и можности во други држави.

– Тоа го прават затоа што нема доволно можности за нив во нивните земји. Време е на овие млади луѓе да им се даде можност да ја искористат својата енергија и имагинација – истакна Ескобар.