ПЛAHOBИТЕ нa Гpyeвcки, eве кoи cе нajвaжни зa нeгo

АНАЛИЗА

Бегалецот Никола Груевски, наместо од обвинителна клупа во Кривичниот суд да ја дава својата одбрана за „Плацевите на Водно“, тој по речиси секое рочиште, се правда од Будимпешта дека не поседувал таен имот, туку се што правел било за градежен развој на градот.

Па така по вчерашното сведочење на Миле ми текна, неговиот некогашен најблизок соработник, дека се распрашувал и интересирал за одредени парцели на Водно, Груевски се јави да дообјасни, па призна дека додека биле на власт се качувале во комбе и „пикирале“ градежни парцели, но како што вели, за доброто на државата, а не лично за себе.

-Неколку пати со претставници на поголем број институции бевме во обиколка на повеќе места и општини во Скопје, барајќи можности за натамошен градежен развој во градот.

За да бидеме сите на куп и заедно и за да има непречена групна дискусија со сите експерти, тие обиколки ги правевме со комбе кое се движеше на разни места низ градот и во него имаше дикусии, размена на мислења, сослушување на мислењата на експертите и на крај работни заклучоци кои влегуваа во записник.

Тој записник потоа се разгледуваше на работни состаноци и на комитетот за градежна експанзија и по потреба на седница на Влада, пишува Груевски, додавајќи дека тоа било се со цел да се овозможи градба, односно урбанизација.

Но она што не го појаснува Груевски е зошто се интересирал за парцели кои веќе биле во приватна сопственост, односно зошто како премиер барал приватни инвеститори за парцели кои не се под владение на државата?

Таков е примерот со земјиштето од 11.000 метри квадратни, во месноста Шербетница, кои според обвинението Груевски од приватни сопственици го купува со партиски пари, на име на фирма, специјално отворена за таа намена и тоа од Белизе.

А згора на се, подоцна, наменски се менувани и ГУП-от и ДУП-от за да земјиштето стане градежно.

Јанакиески вчера потврди дека за ова земјиште зборувал со Груевски во објавените „бомби“.  Поточно, во „бомбата“ 10, тогашниот премиер и министер зборуваат за една парцела, а Груевски споменува и нова, за која како што вели ја начекал за „џабалк“.

Груевски: Нели ти кажав дека во меѓувреме збркав друго.

Јанакиески: Знам, знам, океј е тоа.

Груевски: Е. Сега тоа ми е исто хитно како и ова. Дури похитно ми е тоа, знаеш.

Јанакиески: Добро.

Груевски: Тоа е многу поголемо, тоа го начекав јас за џабалк, ти кажував.

И додека по преслушувањето на бомбата јасно се добива впечаток дека земјиштето Груевски го бирал за себе, сега се правда дека тоа било за општиот градежен развој на државата.

Другото земјиште пак опфатено во обвинението е уште една парцела на Водно од околу 3.000 квадратни метри , која била државно земјиште, но на јавно наддавање ја купила фирмата „ИТК инженеринг“ каде што сопственик или управител бил Александар Ивановски – Алек Теранова.

Јанакиески посочи дека за оваа и за другите локации, кои сакале да ги стават во функција, била изготвена почетна или пазарна цена која била околу 400 евра. Потоа, рече дека заинтересираните ги упатувал кај Александар Ивановски кој бил претставник на фирмата која го купила државното земјиште.

За потсетување, Ивановски пак во своето сведочење на претходното рочиште рече дека Сашо Мијалков, кој исто така е еден од обвинетите, побарал од него да се формира фирма за да купи парцела на Водно, за негов пријател.

Откако пропаднал планот за препродажба на земјиштето, според обвинителството, Груевски планирал да го задржи за себе и да изгради барокна хациенда.

Јанакиески со своето вчерашно сведочење, целосно не го разоткри Груевски, односно  призна дека често пати шефот се интересирал за одредени парцели, но се обиде да го оправда дека постојано шетале и барале земјишта за да се инвестира во градежништвото. Но, сепак за обвинителството  доволно беше тоа што ги потврди разговорите и деталите од објавените “бомбите” каде што пак се откриваат градежните лични апетити на екс премиерот.

П.П.