Путин по средбата со Трамп и Си: Бевме подготвени за договор со Украина, но по нападот на Кримскиот мост се повлекуваме (ВИДЕО)
Владимир Путин им се обрати на медиумите по трилатералната средба со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, изјавувајќи дека Русија повеќе нема да преговара по нападот на Кримскиот мост.
Тој исто така најави „болен одговор“ на украинските напади врз Кримскиот мост, кој ја поврзува Русија со полуостровот Крим.
Мостот делумно се урна по серија последователни напади извршени од украинските сили. На прес-конференцијата одржана по завршувањето на трилатералните разговори, Путин нагласи дека по овие напади Русија повеќе нема да преговара.
„Ќе одговориме на овие напади – би сакал сите да го знаат тоа“, истакна рускиот претседател и додаде: „Верувам дека нашите дејства како одговор ќе бидат многу поболни од она што го направи Киев во врска со мостот.“
Путин, исто така, рече дека Русија не ја започнала војната во Украина, ниту пак која било друга војна, туку дека официјален Киев се подготвувал за конфликтот.
Тој ѝ порача на Европа дека постојано зборува за војна, но дека нема да има војна, односно дека Русија нема да ги нападне. „Постојано зборуваат за војна, војна, војна… ’подгответе се до 2030 година‘. Но, Русија нема намера да ја нападне Европа, ниту пак некогаш имала таква намера“, нагласи Путин.
Путин претходно истакна дека би сакал трилатералните средби со лидерите на Кина и на Соединетите Држави да продолжат, опишувајќи ја денешната средба како нова страница во историјата.
Тој, исто така, рече дека трилатералниот состанок, одржан во Шенжен на маргините на самитот на АПЕК, бил многу корисен и дека дискусијата била слободна и искрена.
По официјалниот дел од трилатералната средба се одвиваше отворена размена на мислења, изјави Путин, додавајќи дека со лидерите на САД и Кина разговарал и за можна реформа на Обединетите нации.
Путин исто така се осврна на внатрешнополитичката ситуација во Соединетите Држави, опишувајќи ја како сложена, со многубројни механизми за контрола и инструменти за одржување на рамнотежата на политичката моќ.
На состанокот, исто така, се разговарало за прашања поврзани со обезбедувањето слободна пловидба, изјави Путин.
