Старата скопска чаршија добива нов влез, се заменуваат оштетените плочки

СКОПЈЕ

Почна санацијата на влезот во Старата скопска чаршија, каде што оштетените и искршени плочки се заменуваат со нови плочи од травертин.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во работните активности. Тој посочи дека уредувањето на влезот е важно за дуќанџиите, жителите на Скопје и туристите кои ја посетуваат Чаршијата.

Според Ѓорѓиевски, граѓаните претходно укажувале на лошата состојба на плочките, кои се првата глетка за посетителите на еден од најпрепознатливите делови на градот.

„Чаршијата е живата историја на Скопје. Еден од симболите на градот и едно од првите места што ги посетуваат туристите кога ќе дојдат во нашиот град. Затоа е важно уште самиот влез да биде уреден и достоен“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека Старата скопска чаршија претставува дел од културното наследство на градот и дека нејзиното зачувување е одговорност кон идните генерации.