БЛАЗЕ СИ ИМ: Сите вработени ќе добијат најмалку по 741 евро божиќен бонус

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ, Свет

Во Словенија и годинава сите вработени имаат законско право на задолжителен зимски регрес, познат и како божиќен бонус, кој за работник вработен цела година со полно работно време изнесува најмалку 740,94 евра. Износот е еднаков на половина од минималната плата за 2026 година, која изнесува 1.481,88 евра бруто.

Словенечките медиуми посочуваат дека исплатата повеќе не зависи само од одлуката на работодавачот, туку претставува законска обврска. Зимскиот регрес е воведен со закон што стапи во сила во ноември 2025 година. Со него, вработените добија право на дополнителен годишен паричен надоместок, одделен од редовната плата и од регресот за годишен одмор.

Минатата година задолжителниот зимски регрес изнесуваше 638,86 евра, па овогодишниот минимален износ е повисок за 102,08 евра. Зголемувањето произлегува од повисоката минимална плата во Словенија.

Целосниот износ од 740,94 евра му следува на работник кој целата календарска година бил вработен кај истиот работодавач и работел со полно работно време. За лицата вработени само дел од годината, како и за работниците со скратено работно време, по правило се пресметува соодветен пропорционален износ, со законски предвидени исклучоци.

Работодавачите треба да го исплатат зимскиот регрес најдоцна до 18 декември 2026 година, односно во рок од 18 дена по истекот на периодот за исплата на ноемвриската плата. Законот предвидува ограничена можност за одложување на исплатата до 31 март 2027 година за работодавачи со проблеми со ликвидноста, ако се исполнети условите утврдени со колективен договор. Оваа можност не важи за јавниот сектор.

Зимскиот регрес мора да биде исплатен во пари. Тој е посебен надоместок и не може да биде заменет со ваучери, производи или други погодности. Работодавачите можат да исплатат и повисок износ од законскиот минимум.