Филипче не им е скаран на „реформистите“, но доби рок за размислување

Македонија, Политика

Претседателот на СДСМ Венко Филипче не им е скаран на сопартијците од Платформата „Разговори за иднината во 12.05“, кои бараат негова смена, но и не верува дека имаат добри намери за реформирање на партијата. Во очекување тој да го добие предлогот од Платформата за структурни реформи во СДСМ, како и чекорите за негова детронизација од лидерската функција, Филипче смета дека тие нема што да му понудат на младиот партиски тим, бидејќи тие му нанеле најголема штета на СДСМ.

Претседателот на СДСМ претходно остро ги нападна претставниците на Платформата и ги нарече пучисти и шемаџии.

– Јас не сум им скаран, но морам да кажам дека сум разочаран поради тоа што вратата им беше и им е отворена ако навистина имаат добра намера. Но, се прашувам имаат ли добра намера ако седат на маса со Левица. Зборуваат, внимавајте, за некакви реформи во СДСМ. Што стои во тој предлог? Некои од политиките на Левица? Дали ние треба да прифатиме дека НАТО се убијци, дали тоа ќе ни го предложат? Зошто не се вклучија во досегашните партиски активности – праша Филипче.

Тој ѝ забележува на пратеничката Славјанка Петровска дека не се појавила на ниедна партиска активност во изминатите месеци и дека не ја извршува својата партиска должност.

– И сега ќе зборува за некакви реформи. Тоа се првенците на таа платформа, тоа се луѓето што ѝ нанесоа најголема штета на партијата, за малку ќе ја закопаа со лошите политики заклучно со 2024 година. И сега, ние како нов тим млади луѓе се обидуваме да ја консолидираме, а тие повторно ставаат сопки. Нема да им помине. Само добра намера прифаќам, ништо друго – дециден е Филипче.

Според информации од Платформата, документот за структурни реформи на СДСМ и за заминување на раководството нема лично да му го дадат на Филипче, туку ќе го достават до партиската архива до крајот на неделава. На документот ќе бидат потписите на сите сдсмовци кои, како што велат, се за реформа на партијата. На Филипче му даваат „разумен“ рок да го разгледа документот, „да размисли, да си ги согледа грешките“ и да се изјасни, по што ќе следуваат чекори за негова реализација. Не откриваат како ќе го тргнат Филипче од лидерската позиција, само велат дека чекорите за преземање на партијата се детално разработени.