Антонио Савевски е загинатиот во несреќата на патот Кичево-Охрид: горд охриѓанец, спортист, кошаркарски тренер – Охрид облеан во тага објави

Дали Знаете, Македонија, Спорт

Охрид денес е во шок и тага по трагичната смрт на Антонио Савевски, охриѓанец, спортист, кошаркарски тренер и голем љубител на спортот, кој загина во тешката сообраќајна несреќа на магистралниот пат Охрид–Кичево.

Савевски, роден во 1993 година, беше добро познат во охридската спортска јавност. Кошарката беше голем дел од неговиот живот, најпрво како играч, а потоа и како тренер на младински категории.

Со емотивна порака од него се прости и навивачката група „Рибари Охрид“, чиј член бил Савевски.

„Со длабока тага и потиштеност ја примивме трагичната вест за нашиот прерано починат брат. Неговото дело ќе остане врежано длабоко на нашата трибина, енергијата што ја поседуваше ќе пулсира низ секој нареден стих, а неговото име вечно ќе се памети како човек со големо срце“, објавија „Рибари“.

„Почивај во мир, Антонио Савевски. Милион песни јас за тебе, милион мигови…“, стои во нивната проштална порака.

Антонио беше и колекционер на спортски дресови, а неговата љубов кон кошарката ја пренесуваше и на генерации млади играчи. објави Скопје1.мк

Во едно негово интервју, објавено пред повеќе години, Савевски раскажуваше дека тренерската кариера ја започнал во декември 2012 година во клубот „Глобал“ во Скопје, каде работел со младински екипи до 12 и до 14 години.

По враќањето во Охрид ги водел младинските категории до 14 и 16 години, а по краток престој во Виена повторно се вратил во родниот град. Заедно со двајца пријатели го формирал ГКК Охрид, каде работел со сите младински категории и бил помошник во сениорскиот тим што се натпреварувал во Втората лига.

Подоцна кариерата ја продолжил во „Партизан Водно Санс“, каде работел со младите кошаркари и помагал во сениорската екипа.

Во интервјуто зборувал и за успесите што ги постигнувал со младинските екипи – пласмани на завршни турнири, трети места во домашното првенство, шампионски титули во младинските категории, како и освоени турнири во Белград и Софија.

„Секоја работа со деца е бесценета“, беше една од неговите пораки кога зборуваше за тренерската професија.