Спектакл вечерва на плоштад „Македонија“ – Дојдете и уживајте на Хосе Карерас заедно со македонските музички ѕвезди

Дали Знаете, Македонија, Сцена

Еден од најголемите светски тенори на сите времиња, Хозе Карерас, ќе настапи вечерва во Скопје на голем музички настан заедно со Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Маја Оџаклиевска, Каролина, Калиопи, Влатко Стефановски, Ана и Игор Дурловски, Дешира Амети-Крлиу, во придружба на Македонската филхармонија, најавија од Авалон продукција.

Настанот ќе се одржи на Плоштад „Македонија“ со почеток во 20 часот и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани, како дел од програмата за одбележување 35 години независност на Македонија.

Концертот ќе биде поделен во два музички сегменти: во првиот дел, публиката ќе има можност да проследи специјално осмислен концерт со македонските музички ѕвезди и повеќе од 60 врвни музичари од Македонската филхармонија, под диригентската палка на Сашо Татарчевски, со нови оркестрации и аранжмани подготвени специјално за оваа вечер од маестро Николче Мицевски.

Вториот дел од вечерта му припаѓа на Хозе Карерас и неговиот безвременски светски репертоар, заедно со Македонската филхармонија и предводено од неговиот долгогодишен диригент, David Giménez.

„А, во текот на вечерта ќе има и неколку специјални музички спојувања помеѓу овие два света, моменти што оставаме да останат изненадување за публиката. По спектакуларната најава на David Guetta – Monolith Stadium Show, ова е вториот голем настан кој се организира во рамки на јубилејната програма, овојпат во знакот на класична музика и македонската музичка традиција“, велат од Авалон продукција.

На 2 септември, „Најдоброто од Македонија“ продолжува во Скопје, на платото на Т АРЕНА.

„Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари на една сцена – артисти со кои пораснаа и сè уште растат многу генерации! Една вечер, различни генерации и комбинација од најдоброто од македонската музика на едно место. Отворен настан со бесплатен влез“, пишува во најавата за настанот.