Македонија се поврзува со Србија преку нов гасовод: Капацитет до 160.000 кубни метри на час

Македонија

Македонија и Србија направија нов чекор кон енергетско поврзување со потпишувањето на договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод меѓу двете земји.

Договорот го потпишаа директорот на АД „Номагас“, Недим Рама, и директорот на „Рапид билд“, Тони Каранфиловски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

За реализација на проектот е избрана понудата на „Рапид билд“ во вредност од 29,4 милиони евра. Договорот е склучен по принципот „клуч на рака“, според моделот ФИДИЦ, а ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба.

Македонскиот дел од гасоводот ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Трасата ќе започнува кај блок-станицата „Клечовце“, а ќе завршува на границата со Србија, во близина на селото Сопот.

Во рамките на проектот се предвидува изградба на пет придружни објекти – главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.

Предвидениот технички капацитет на гасоводот е до 160.000 кубни метри гас на час, при што системот ќе овозможува двонасочен проток на гас.

Премиерот Мицкоски оцени дека со изградбата на интерконекторите со Грција и Србија, Македонија добива целосна вертикална енергетска поврзаност.

Според него, поврзувањето со соседните земји и со енергетските коридори е од особено значење за државата, која нема излез на море, бидејќи преку ваквите инфраструктурни проекти се зајакнува нејзината енергетска и геостратешка позиција.

Целосната реализација на проектот е планирана за четвртиот квартал од 2028 година, со што Македонија и Србија ќе добијат нова инфраструктурна врска за снабдување и транзит на природен гас.