Божиновска: Македонија сè повеќе го претвора сонцето во домашна електрична енергија

ЕКОНОМИЈА / ФИНАНСИИ

Македонија сè посилно го претвора својот сончев потенцијал во домашна електрична енергија, покажуваат податоците за развојот на фотонапонските електроцентрали.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, информира дека во 2025 година фотонапонските електроцентрали достигнале 30,44 проценти од вкупниот инсталиран капацитет, а учествувале со 19,28 проценти во вкупното домашно производство на електрична енергија.

„Во споредба со 2016 година, соларното производство е зголемено речиси 50 пати“, посочува Божиновска.

Трендот на зголемување на соларните капацитети продолжил и во текот на минатата година. Од новите производни капацитети приклучени во 2025 година, дури 115,10 мегавати се фотонапонски електроцентрали.

Дополнително, 2025 година носи и новина во развојот на енергетскиот систем – за првпат се издадени седум лиценци за батериски складишта, со вкупна моќност од 7,1 MW.

Според Божиновска, овие показатели се потврда дека сончевата енергија постепено прераснува од неискористен природен потенцијал во значаен дел од енергетскиот систем.

„Овие резултати покажуваат дека сонцето веќе не е само природна предност, туку еден од главните столбови на македонската енергетска иднина“, истакнува министерката.