Битола со нова опрема за „Петар Милошевски“: Набавени шест машини за одржување на стадионот

Македонија

Општина Битола набави шест специјализирани машини со кои ќе се подобри одржувањето на стадионот „Петар Милошевски“. За набавката се издвоени 4.373.551 денари, средства кои биле планирани во Буџетот на Општина Битола за 2026 година.

Од Општината посочуваат дека јавната набавка била планирана уште на крајот на минатата година, при донесувањето на Буџетот за 2026 година, односно пред одржувањето на концертите на стадионот.

Набавени се шест машини за различни активности поврзани со одржувањето на тревната површина: машина за вадење чепови, машина за аерација, машина за растурање песок, машина за сеење трева, машина за вертикално сечење, како и машина со челични иглички за четкање природна или вештачка трева.

Со новата опрема ќе управува ЈП „Комуналец“, кое и досега е задолжено за одржување на стадионот.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека ваквата опрема требало да биде набавена многу порано, но дека Општината сега презема конкретни активности за подобрување на условите на стадионот.

Од Општина Битола велат дека набавката е дел од континуираните активности за подобрување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за користење и одржување на стадионот „Петар Милошевски“.