ТРАМП ПЛАНИРА ЕКОНОМСКА ИЗОЛАЦИЈА НА ИРАН И ТРГОВСКИТЕ ПАРТНЕРИ, ТЕХЕРАН И КИНА ГИ ОСУДИЈА ЗАКАНИТЕ
Американскиот претседател Доналд Трамп објави планови да му нанесе на Иран нешто што го нарече „економски Ден Д“, нагласувајќи ја својата растечка фрустрација поради одбивањето на земјата да капитулира и покрај неколкунеделните воени напади и американската блокада што го ограничува извозот на иранска нафта. Трамп не прецизираше какви мерки ќе преземе, но неговата закана дека ќе ги таргетира трговските партнери на Иран, од кои ниту еден не го наведе по име, веднаш го насочи вниманието кон Кина, која купува најголем дел од иранската нафта.
„Ова ќе биде економска војна и изолација од невидени размери“, рече Трамп во објава на социјалните мрежи. „СЕКОЈА земја што ќе им дозволи на своите финансиски институции, компании, аеродроми или владини субјекти да му обезбедат каков било вид помош на Иран, и самата ќе се соочи со ОГРОМНИ економски последици“. Тој, исто така, се обиде да ги придобие другите земји кои досега одбиваа да ја поддржат неговата воена кампања против Иран, велејќи дека на САД им се потребни „сите наши сојузници“ за да помогнат „да се изолира и порази иранската закана“.
Иран и Кина остро реагираа на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за кампања без преседан на „економска војна и изолација“ против Техеран, при што Пекинг предупреди на воведување дополнителни санкции. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека најавата на Трамп има за цел да го сврти вниманието од внатрешните проблеми во САД, укажувајќи на историски високиот долг на земјата.
„Инсистирањето на неуспешни политики само ќе донесе нови порази – и непријателство од страна на Иранците. Економскиот тероризам на САД ја загрозува глобалната економија и суверенитетот ширум светот“, напиша Арагчи на платформата X.
Во меѓувреме, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека „санкциите и притисокот не помагаат во решавањето на проблемот“, повикувајќи на политичко и дипломатско решение.
Заканите на Трамп уследија веднаш по предупредувањето на американскиот министер за финансии Скот Бесент дека САД се подготвени да воведат нови економски мерки. Тоа покажа како САД, соочени со недостиг од муниција, растечки трошоци и преоптоварена војска, сакаат да се оддалечат од воената кампања која досега не успеа да го принуди Иран да се предаде, и покрај тоа што повеќето од највисоките лидери на земјата беа елиминирани, а нејзините вооружени сили беа разорени.
Не е јасно каква нова економска казна би можеле да воведат САД, ако воопшто постои таква, а Иран веќе да не ја претрпел. Таргетирањето на продажбата на иранска нафта, исто така, би носело ризик од нова конфронтација со Кина, купувачот на речиси целиот ирански извоз на нафта. Тоа би го усложнило настојувањето на Трамп да го продолжи тарифното примирје со претседателот Шји Џјинпинг, кого планира да го пречека во САД следниот месец.
