Општина Битола со нова дезинсекција: Целта е намалување на ризикот од Западнонилска треска
Општина Битола ќе спроведе дополнителна, вонредна дезинсекција против комарци на територијата на општината, како превентивна мерка поради актуелната епидемиолошка состојба во земјата и зголемениот ризик од ширење на Западнонилската треска.
Според информациите од Центарот за јавно здравје – Битола, до 9 август годинава веќе се реализирани сите предвидени редовни активности за дезинсекција – три ларвицидни и три адултицидни третмани.
Сепак, поради прогласената епидемија на Западнонилска треска на дел од територијата на Скопје и потребата од дополнително намалување на бројноста на комарците, Општина Битола, во консултација со Центарот за јавно здравје – Битола, ќе спроведе дополнителни третмани.
Дополнителната ларвицидна дезинсекција ќе се спроведе на 19 август, додека адултицидната дезинсекција ќе се реализира од 23 до 27 август, согласно условите и динамиката на теренските активности.
Ларвицидниот третман е насочен кон уништување на ларвите во местата погодни за размножување на комарците, додека адултицидната дезинсекција ги таргетира возрасните комарци. Со комбинираното спроведување на мерките се очекува дополнително намалување на популацијата на комарци и потенцијалниот ризик од пренос на векторски заболувања.
Од Општина Битола информираат дека состојбата ќе продолжи да се следи во соработка со Центарот за јавно здравје и дека, доколку има потреба, ќе се преземаат дополнителни превентивни мерки.
Воедно, граѓаните се повикуваат да придонесат во контролата на комарците со отстранување на застојаната вода од дворови, тераси, саксии, садови и други места каде што комарците можат да се размножуваат.
Се препорачува и користење заштитни мрежи на прозорците и вратите, како и примена на соодветни мерки за лична заштита од убоди од комарци.
