Касами: Филков не беше подготвен да го реши проблемот со правосудниот за студентите Албанци
За министерот за правда во заминување, Игор Филков и дебатата околу правосудниот испит на студентите Албанци на албански јазик, еден од копретседателите на ВЛЕН, Биљал Касами вели дека не сакале да се мешаат во кадровските решенија на коалициските партнери и вели дека имаат коректен однос со премиерот Христијан Мицкоски.
-Mинистерот за правда не беше подготвен да реши проблем кој досега не го решија неколку министри, меѓу кои беше и Албанец во Владата. Ако зборуваме за решение во рамки на министерството и правилниците, тоа беше едноставно прашање.
Ако претходно не го решил некој министер Албанец, зошто јас да преземам таква одговорност пред своите гласачи? Тоа беше наше барање – ако е така ситуацијата тогаш ние сме подготвени да се справиме со ситуацијата бидејќи е барање на студентите Албанци. Не е како што опозицијата се обидува да го претстави дека се одземени некои ресови од ВЛЕН – прв разговор во делот на реконструкцијата беше ние да ги задржиме позициите, само да одиме со нови кадри. По наше барање е земен ресорот Правда и Односи меѓу заедниците, кажа Касами во емисијата „Само интервју“.
