По бегството на волците, Анима Мунди бара независна истрага и затворање на ЗОО Скопје
Од организацијата објавија снимка од оградата на живеалиштето на волците, за која тврдат дека не ги исполнува безбедносните стандарди потребни за чување диви животни. Според нив, ваквата ограда остава сериозен сомнеж дали биле обезбедени минималните услови за спречување на бегство, додавајќи дека „под ваква ограда бега куче со 15 минути копање, а не волк“.
Од организацијата нагласуваат дека проблемот не треба да се сведува само на актуелното раководство, туку дека станува збор за долгогодишни системски пропусти. Според нив, безбедноста на дивите животни не смее да зависи од импровизација, среќа или молк.
Организацијата бара итна независна инспекција на сите живеалишта, кафези, огради и безбедносни системи во Зоолошката градина, со јавно објавување на наодите. Дополнително, бара независна истрага за бегството на волците, усмртувањето на животните и утврдување на одговорност за сите евентуални пропусти. Меѓу нивните барања се и воведување мораториум за размножување и внесување нови животни додека не се исполнат законските и стручните стандарди, како и долгорочен план за трансформација на ЗОО Скопје во спасувачки и рехабилитациски центар за животните што веќе се наоѓаат таму.
„Институција што не може да гарантира сигурност за животните што ги држи во заробеништво, не може да гарантира ниту безбедност за граѓаните“, порачуваат од „Анима Мунди“.
