Жестоко во Собрание – Мицкоски до Филипче: Виновен сум што не сте во затвор, туку уште уживате на јахтите
Граѓаните си одат од државата оти ве гледаат како уживате на јахтите во Паљури, а не сте в затвор, му рече премиерот Христијан Мицкоски на пратеникот и лидер на опозицијата Венко Филипче на денашната собраниска седница за пратенички прашања.
Претходно, Филипче од собраниската говорница рече дека Владата предводена од Мицкоски изминативе две години не направила ништо, а на граѓаните им ветуваше мед и млеко.
„Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок. Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10 отсто од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери. Буџетот е пред колапс, немате пари. Реформи нема, земјата ја туркате во изолација, секон трет граѓанин ја напушта државата. Кој е крив за сите овие неисполнети ветувања, кој е крив за овие изгубени 2 години”, рече Филипче.
На ова премиерот му одговори дека резултатите на негова Влада се многу подобри од времето на СДСМ.
