Коњановски: Мечка нападна стадо во Крклино, институциите се на терен
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, информира дека утрово околу 9:30 часот е пријавен напад од мечка врз стадо овци во атарот на село Крклино, под манастирот во близина на каналот на хидросистемот Стрежево, при што една овца настрадала.
Како што посочи тој, сопственикот на стадото веднаш го пријавил настанот во СВР Битола, по што полициска екипа излегла на терен, извршила увид и го документирала случајот.
Коњановски додава дека веднаш стапил во контакт со сопственикот на стадото и со СВР Битола, од каде бил информиран дека постапката е во тек.
„Исто така контактирав и информирани се и Центарот за управување со кризи и инспектор за лов при Државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, истакна градоначалникот.
Тој нагласи дека ќе биде испратен допис до Министерството за земјоделство и Министерството за животна средина, кои се надлежни за постапување во вакви ситуации, со цел соодветна реакција од надлежните институции, имајќи предвид дека се работи за заштитен вид животно.
