Познатиот македонски бизнисмен синоќа најави формирање на нова партија

Дали Знаете, Македонија, Политика

Бизнисменот и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, преку објава на социјалните мрежи најави формирање нова политичка партија, повикувајќи ги граѓаните да се приклучат кон неговата визија за иднината на државата.

Во извадок од неговата денешна колумна со наслов „Македонија на крстопат – време е да ја вратиме државата“, Костовски наведува дека партијата ќе биде составена од полнолетни членови без ограничување на возраста и ќе биде отворена за сите кои сакаат Македонија да опстои како држава во која идните генерации ќе имаат перспектива.

„Не барам власт за себе, туку можност за освестување на државно ниво. Македонија да биде пред секоја партија“, порачува Костовски во објавата.

Тој нагласува дека иницијативата не ја гледа како повик за нови поделби, туку како обид за обединување на граѓаните кои ја сакаат Македонија без лични интереси и политички калкулации.

Во својата порака Костовски посочува и дека правото и правдата мора повторно да завладеат во државата, додавајќи дека „при мртва правда надежта умира“.

Со оваа објава, Костовски за првпат јавно најавува формирање нов политички субјект, а повеќе детали за неговата визија и програмски определби се очекуваат во колумната што ќе биде објавена утре.