Коњановски: Битола се позиционира како регионален економски центар
Во организација на Јавното претпријатие Индустриска зона „Жабени“, денеска во Битола се одржа работен состанок на тема „Инвестирај во твојата иднина“, на кој присуствуваа владини претставници и стопанственици, со цел размена на идеи и иницијативи за економски напредок на регионот.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање истакна дека и Владата и локалната самоуправа активно создаваат услови за нови инвестиции и реализација на проекти кои ќе придонесат за подобар живот на граѓаните и развој на целиот пелагониски регион.
Тој нагласи дека клучните области во кои се очекува зголемување на инвестициите се економскиот развој, патната инфраструктура, животната средина, урбанизмот, спортот, младите, културата и културниот туризам.
„Патната и железничката инфраструктура се многу важни за инвеститорите, а со тоа и за инвестициите кои тука се вложуваат или ќе се вложуваат во иднина“, посочи Коњановски.
Како еден од најзначајните проекти за регионот, тој ја издвои изградбата на автопатот Прилеп – Битола, како и останатите патни делници кои ќе овозможат побрзо и помодерно поврзување со главниот град.
Коњановски се осврна и на железничката инфраструктура, нагласувајќи дека железничката линија до индустриската зона „Жабени“, односно до границата со Грција, веќе е реконструирана, а се работи и на финализирање на проектот од грчка страна.
Според него, со комплетирањето на железничкото поврзување, Битола директно ќе се поврзе со Солунското пристаниште, што ќе претставува значителен поттик за економијата, транспортот и новите инвестиции во регионот.
