Амбасадорот на Албанија со остра критика кон Македонија: Овие млади луѓе не бараат привилегии – бараат достоинство, еднаквост и почитување на основните права

Политика

Албанскиот амбасадор во Македонија, Денион Мејдани реагираше преку социјалните мрежи по информациите дека албански студенти биле задржувани, доцнети и заплашувани додека патувале кон Македонија за да изразат поддршка за правото на полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Во својата објава, Мејдани оценува дека кога студентите се спречуваат мирно да изразат солидарност за едно јазично право, прашањето престанува да биде само процедурално и станува прашање што го засега демократскиот дух и европските вредности кон кои се стреми регионот, објави 4news.mk

Тој посочува дека студентите од Тирана не патувале за конфликти, туку за граѓанска солидарност и поддршка на, како што наведува, елементарно право – можноста да се полага и да се работи професијата на мајчин јазик.

„Овие млади луѓе не бараат привилегии. Бараат достоинство, еднаквост и почитување на основните права“, наведува Мејдани.

Тој додава дека барањето за достоинство не смее да се доживува како закана, особено во држави кои имаат европски амбиции и сакаат иднината да ја градат врз принципите на демократијата, еднаквоста и човековите права, објави 4news.mk