Џамбаски се жали од реакцијата на Муцунски, обвинува дека „Македонија три години нема напредок кон ЕУ“
Контроверзниот бугарски политичар и поранешен европратеник, Ангел Џамбаски ја коментираше тензијата меѓу Софија и Скопје која повторно ескалираше откако бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова го употреби терминот „северномакедонски“. Џамбаски ја критикуваше реакција на македонскиот министер Тимчо Муцунски. Според него, како што вели, таквото однесување е израз на внатрешните противречности во Скопје.
„Ова е апсолутна провокација. Тие не можат да си дозволат таков тон кон другите земји, но го прават тоа кон Бугарија“, рекол Џамбаски, пренесуваат бугарските медиуми.
Тој дал пример за документи на американскиот Стејт департмент, во кои исто така се користи терминот „северномакедонски“, без да предизвика дипломатски реакции од Скопје.
Според Џамбаски, клучниот проблем останува неисполнувањето на обврските од таканаречениот „француски предлог“, кој ја регулира Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.
„Три години нема вистински напредок. Ова е провокација не само кон Бугарија, туку и кон целата Европска Унија“, нагласил тој.
Политичарот бил категоричен дека темата за членство во ЕУ не е билатерално прашање.
„Скопје треба да разговара со Брисел, а не со Софија. Тие ветија конкретни реформи – мора да ги спроведат“, додал тој.
Во врска со реакцијата на бугарската страна, еден од копретседателите на бугарската ВМРО-БНД повикал на смиреност и доследност. Тој изразил уверување дека премиерот Румен Радев ќе ја продолжи сегашната линија на умерена, но цврста политика.
