Адвокатот на Палчо бара одново да се суди убиството на Вања и Панче, па тврди дека тој е невин
Адвокатот на Љупчо Палевски-Палчо, Јовица Страшевски, побара Апелациониот суд да ја укине првостепената пресуда за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и целиот случај да започне одново, тврдејќи дека во постапката има „над 50 суштински повреди“.
Страшевски рече дека во жалбите на одбраната се наведени бројни неусогласености меѓу исказите на сведоците, обвинетите и начинот на кој тие биле интерпретирани во пресудата.
„Имаме доста работи утврдено што не се усогласуваат со изјавите дадени од страна и на сведоците и на обвинетите, што од страна на судот се прикажени во едно друго светло, да кажам, во една друга конотација“, изјави Страшевски.
Тој посочи дека по поднесувањето на жалбата дополнително биле утврдени нови елементи, бидејќи рокот за жалба бил 15 дена, а пресудата била обемна.
„Се надевам и во дополнување на жалбата судот ќе овозможи Љупчо Палевски и јас дополнително да го искоментираме тоа што го имаме утврдено“, рече адвокатот.
Според него, обвинението и самата пресуда содржат контрадикторности, особено во делот за наводната улога на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.
„Невозможно е целото обвинение, онака како што беше поставено, да го товари и таткото на Вања дека давал податоци на Палевски, а со ниту еден доказ во постапката тоа да не се докаже“, изјави Страшевски.
Тој посочи и на, како што рече, несогласувања околу движењето на Палевски критичниот ден.
„Ако тргнеме хронолошки, од моментот кога се кажува дека Палевски бил заедно со Велибор и со другите на местото на киднапирањето на Вања, а потоа самиот суд и самото обвинителство во пресудата велат дека Палевски ги чекал некаде на патот за Визбегово, тогаш многу работи остануваат неразјаснети“, рече адвокатот.
Страшевски оцени дека Апелациониот суд треба да ја укине пресудата без оглед на тоа каква ќе биде конечната вистина.
„Во интерес на вистината, и од тоа што јас како морален човек и професионалец се нафатив да го бранам овој предмет, сметам дека Апелациониот суд треба да ја укине оваа пресуда и да се докаже вистината, без разлика каква е таа“, изјави тој.
Според адвокатот, одбраната навела повеќе од 50 суштински повреди на постапката.
„Една да прифати судот, мислам дека пресудата веќе треба да ја укине“, додаде Страшевски.
