Николоски: Свлечиштата повеќе нема да бидат закана за автопатот Охрид-Кичево
Изградбата на автопатот Охрид-Кичево силно напредува, а проектот се очекува да биде завршен кон крајот на 2026 година, согласно предвидената динамика, порача вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Тој истакна дека еден од најголемите предизвици во реализацијата на автопатот – свлечиштата на трасата – се решава со, како што посочи, најголемиот инженерски потфат во регионот, преку изградба на таканаречени галерии.
„Свлечиштата на автопатот Охрид-Кичево, проблем кој ја блокираше целата изградба, го решивме со изградба на галерии. Со вкупно 14 галерии на целата траса создаваме безбеден автопат, кој треба да биде сржта на економијата на западниот дел од земјата“, нагласи Николоски.

Според него, изградбата на автопатот претставува еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата, со кој ќе се подобри поврзаноста меѓу Охрид, Кичево и останатите делови од земјата, но и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.
Николоски порача дека Владата останува посветена на реализацијата на капиталните проекти и модернизацијата на патната инфраструктура.
„Ја градиме Македонија“, истакна вицепремиерот.
