Пане Темов: Виноскоп 15 години го обединува Скопје со вино, музика и емоции

Македонија

Петнаесет години по првото издание под Камениот мост, Виноскоп веќе не е само вински фестивал, туку една од оние градски приказни што Скопје ги препознава како свои. Она што започна како храбра идеја да се спојат виното, музиката и отворениот градски простор, денес е традиција што секоја година собира публика, винарии, пријатели, туристи и љубители на добрата атмосфера.

Денес, во пресрет на јубилејното 15-то издание, организаторот Пане Темов се навраќа на почетоците, на првата фестивалска атмосфера на кејот на Вардар, на скепсата што брзо прераснала во доверба и на патот по кој Виноскоп стана препознатлив настан што публиката однапред го очекува. Од 13 до 17 мај, фестивалот повторно ќе го собере Скопје на Школка во Градски парк, со пет дена вино, музика и дружење под отворено небо.

Фестивалот се роди во период кога градот ја препозна потребата за нова, отворена и поинаква фестивалска енергија. Во тоа време, Пане Темов веќе имал значајно искуство со големи настани, меѓу кои и успешниот Баскерфест – фестивал кој во Скопје донесе светски артисти и сосема нова динамика.

 

„Во тој период се вратив од Северна Америка, каде што имав можност да видам како функционираат големи градски фестивали. По Баскерфест, кој донесе многу светски артисти во Скопје, бев повикан на разговор за идејата градот да добие свој вински фестивал. Првата година го направивме на кејот на Вардар, под Камениот мост. Тоа беше магичен фестивал, со посебна атмосфера што тешко се заборава“, вели Темов.
На почетокот, како и со секоја нова идеја, постоела доза на сомнеж. Винариите биле внимателни и не сосема сигурни како публиката ќе го прифати овој формат. Но, првото издание ја промени сликата и брзо ја претвори иницијативата во заедничка приказна на винариите, организаторите и градот.

„Првиот пристап на винариите беше скептичен. Тоа беше нешто ново, поинакво, неиспитано. Но, откако го направивме фестивалот, винариите беа навистина среќни. Го прифатија Виноскоп како своја приказна. Со текот на годините фестивалот прерасна во сериозен вински настан – еден од поголемите во регионот“, додава тој.

Низ годините, Виноскоп растеше заедно со македонската винска сцена. Ако на почетокот изборот на сорти и вински стилови беше поскромен, денес винарии настапуваат со многу поголема самодоверба, разновидност и препознатлив идентитет. Фестивалот стана простор каде што публиката не само што дегустира вино, туку открива нови етикети, вкусови и приказни што стојат зад секоја чаша.
Токму во тоа е една од најголемите вредности на Виноскоп – неговата улога во ширењето на винската култура. Тој не е само сцена за веќе познатите вина, туку и простор што помогна да се промовираат нови сорти, производители и поинаков однос кон македонското вино. Современите вински и гастрономски фестивали сè почесто се препознаваат како настани што ја градат културната и туристичката слика на градовите, затоа што ги спојуваат автентичноста, забавата и локалниот идентитет.

„Се сеќавам дека кога почнавме, во Македонија немаше толку голема разновидност на вина како денес. Затоа сум особено горд што Виноскоп беше дел од една вистинска експанзија. Преку фестивалот почнаа да се промовираат нови сорти, етикети и вински приказни. Денес публиката е многу поинформирана, а винариите похрабри и покреативни“, вели Темов.
Но, Виноскоп одамна ја надмина рамката на класичен фестивал и денес е дел од туристичката понуда на Скопје. Организаторите велат дека секоја година добиваат пораки од луѓе од соседството кои прашуваат кога ќе се одржи фестивалот за навреме да го испланираат своето патување. Тоа е силна потврда дека Виноскоп е препознатлив не само за домашната публика, туку и за посетители кои го гледаат Скопје како дестинација за добро вино, музика и урбано дружење.

Петнаесет години подоцна, Виноскоп е повеќе од фестивалска програма. Тој е место на средби, наздравувања и спомени. За некого е прво омилено вино, за некого прва фестивалска вечер со пријатели, за некого традиција што се чека однапред. За градот, пак, Виноскоп е доказ дека една добра идеја, ако се гради со визија и упорност, може да прерасне во бренд што трае.

Јубилејното 15-то издание ќе се одржи од 13 до 17 мај на Школка во Градски парк. Во текот на пет дена, една од најпрепознатливите локации во Скопје ќе се претвори во отворена сцена на добро вино, музика, гастрономија и дружење под отворено небо.

Фестивалот ќе понуди богата винска и гастрономска содржина, како и музичка програма со различна енергија секоја вечер. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во атмосфера создадена за сите генерации – од вечерни концерти и настапи, до дневно дружење во викенд-програмата.

„Горди сме што успеавме со години да го одржиме фестивалот жив, препознатлив и сакан од публиката. Виноскоп е традиција, промоција на македонското вино, но и туристичка понуда за Скопје. Најголемата награда за нас е кога луѓето прашуваат кога ќе биде фестивалот за да си го резервираат терминот. Тоа значи дека сме создале нешто што луѓето го чувствуваат како дел од градот“, истакнува Темов.
Од првото издание под Камениот мост до денешното јубилејно издание, Виноскоп останува приказна за Скопје, за македонското вино и за енергијата што ги собира луѓето на едно место. Приказна што почнала со идеја, продолжила со доверба, а денес живее како традиција.

Од 13 до 17 мај, Градски парк повторно ќе биде местото каде што Скопје ќе наздрави – за виното, за музиката, за градот и за 15 години Виноскоп.