Коњановски: Запуштениот простор зад полицијата во Битола доби нов изглед
Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски информираше дека е завршено партерното уредување на просторот зад зградата на битолската полиција, локација каде претходно биле отстранети гаражи и времени објекти.
Според Коњановски, станува збор за простор кој претходно бил запуштена земјена површина, а сега е целосно уреден со бекатон плочки на површина од 856 квадратни метри.
„Пред повеќе од една година рековме дека сите простори од каде што беа отстранети гаражи и времени објекти ќе бидат уредени и на тоа сме фокусирани. Една од тие локации е и оваа зад зградата на битолската полиција“, изјави Коњановски.
Тој додаде дека со проектот е решен и проблемот со атмосферската канализација и одводнувањето, преку поставување одводни решетки за собирање и одведување на водата од партерната површина.
Вкупната вредност на проектот изнесува околу 2,3 милиони денари, а изведувач на работите е ЈП „Нискоградба“.
Во наредниот период, како што најави Коњановски, ќе следува дополнително уредување на просторот од страна на ЈП „Комуналец“, како дел од пошироката акција за уредување на повеќе јавни површини низ Битола.
„Продолжуваме понатаму со уредување и на други простори за секое место во градот да биде уредено и пријатно за локалната средина“, порача градоначалникот.
