Полиција во цивил ќе го чува училиштето „Стив Наумов“ во Битола – заканите од седмоодделенецот го вклучија алармот

Македонија

Полициски службеници во цивилна облека ќе го следат одвивањето на наставата во основното училиште „Стив Наумов“ во Битола, откако ученик од седмо одделение објави недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи, насочени кон соученици и нивните родители, пренесе СДК.

Мерката ја побарал Училишниот одбор, кој одржал вонредна седница откако родителите се вознемириле. Од училиштето уверуваат дека наставата ќе продолжи и дека институциите се вклучени во постапувањето.

„Потенцираме дека нема место за паника во однос на безбедноста на учениците додека трае наставата. Сите инволвирани институции постапуваат согласно своите надлежности со цел целосна заштита и безбедност на сите ученици и вработени, како и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес. Апелираме на воздржаност, разумност, смиреност, редовност и присуство на учениците во наставниот процес“, соопштија од Училишниот одбор.

Оттаму додаваат дека училиштето ги презело потребните чекори согласно Законот за основно образование и обврските што ги има како воспитно-образовна институција. За случајот навремено биле известени надлежните органи кои треба понатаму да го следат и да го решаваат. Во постапувањето е вклучен и Центарот за социјални работи, а на седницата на Училишниот одбор присуствувале и сите надлежни педагошки служби од училиштето.

По објавувањето на вознемирувачките содржини на социјалните мрежи, родителите на учениците испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат. Училиштето, пак, го пријавило случајот во Центарот за социјални работи, СВР Битола и Подрачното одделение за образование.

Од „Стив Наумов“ посочуваат дека настанот се случил надвор од училиштето. Ученикот, пред извесен период, бил префрлен од едно во друго одделение со цел подобро да се вклопи во училишната средина. Сепак, подоцна дошло до несогласувања со новите соученици, по што реагирале нивните родители.

Потоа ученикот објавил недолични и заканувачки пораки на социјалните мрежи. За случајот завчера бил одржан и родителски состанок, на кој родителите на другите деца побарале ученикот да биде преместен од одделението.

По состанокот, на социјалните мрежи се појавиле и нови пораки од сосема други лица, со прогнози за одредени вознемирувачки настани. Тоа дополнително внело паника меѓу родителите чии деца учат во „Стив Наумов“.

„Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес, случајот го пријавивме до надлежните институции за целосно да се испита“, рече директорот Никола Пискачев.

Од Обвинителството ги проверуваат наводите за случајот заедно со Центарот за социјални работи.