„Да си со мене“ е новиот почеток на Горан Тонев по трагедијата што ја потресе Македонија, пејачот со насмевка и неодолив глас продолжува уште посилно (видео)
По трагичната и кобна ноќ во Кочани, која засекогаш остави белег во неговиот живот, штипскиот пејач Горан Тонев денес со многу емоции, сила и надеж повторно застанува пред својата публика. Како еден од преживеаните од пожарот што ја потресе Македонија, Тонев реши токму сега да ја сподели песната „Да си со мене“, музичка приказна која била создадена и подготвена уште пред големата трагедија, но долго време останала далеку од очите на јавноста.
По долг период исполнет со тишина, размислувања и животни предизвици, Горан Тонев испраќа силна порака дека музиката останува неговата најголема љубов и двигател во животот. Со насмевка, позитивна енергија и огромна благодарност што добил нова шанса, тој најавува дека на голема врата ја продолжува својата музичка кариера токму таму каде што застана.
Новата песна „Да си со мене“ носи искрена емоција, длабочина и автентичност, нешта по кои Горан Тонев е препознатлив кај публиката. Со својот моќен вокал и искрена интерпретација, тој уште еднаш потврдува дека е едно од најценетите музички имиња од Штип и македонската сцена.
Музиката за песната ја создадоа Горан Тонев и Јордан Манов, текстот е дело на Весна Малинова, додека аранжманот го потпишува Јордан Манов. Видеоспотот е реализиран од Стефан Катранџиски.
И покрај сè што помина, Горан Тонев останува човек кој живее за музиката, продолжува да твори и преку своите песни да внесува емоција, радост и позитивна енергија кај штипјани и публиката низ цела Македонија. „Да си со мене“ не е само нова песна, туку симбол на храброст, емоција и нов почеток.
Како звучи најновата музичка креација на Тонев може да проследите на линкот подолу.
