СВР Велес со благодарница за Илија Гигов – момчето што пронајде 46.000 денари и ги врати кај сопственикот, херој што ја враќа надежта кај младината

Дали Знаете, Македонија

Во време кога јавноста често се соочува со разочарувачки вести, 14-годишниот Илија Гигов од Велес испраќа поинаква порака дека чесноста и човечноста сè уште живеат меѓу младите. По повод 7 Мај, Денот на македонската полиција, началникот на СВР Велес му додели благодарница на Илија како признание за неговиот исклучителен и достоинствен чин кој привлече големо внимание во јавноста.

Според информациите, на пат кон училиште, Илија пронашол банкарска книшка и 46.000 денари. Без никакво двоумење, веднаш ги известил своите родители, по што случајот бил пријавен во полицијата. Благодарение на неговата искреност и одговорност, паричните средства биле безбедно вратени кај сопственикот.

Овој гест не е само поединечна добра вест, туку и силна порака до општеството дека постојат млади луѓе воспитани со вредности како чесност, морал и човечност. Илија со својот потег не врати само изгубени пари, туку и ја врати вербата дека младите можат да бидат светол пример и двигател на позитивни промени.

Од СВР Велес истакнаа дека ваквите примери треба да бидат инспирација за сите генерации, нагласувајќи дека чесноста, одговорноста и добрината се вредности кои мора постојано да се негуваат и почитуваат.