Премиерот Мицкоски најави какви цени на горивата очекува во понеделник, еве ги деталите
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредните денови може да следи дополнително поевтинување на горивата, потенцирајќи дека државата и понатаму спроведува политики насочени кон заштита на животниот стандард.
Тој посочи дека според анализите на Меѓународен монетарен фонд, земјата се позиционира високо меѓу европските држави кога станува збор за мерки за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните. Според него, токму тие политики придонеле горивата да бидат значително поевтини во споредба со регионот.
Владата ќе продолжи со постојните механизми – намалено ДДВ за бензините и пониски акцизи, кои директно влијаат врз крајната цена. Според актуелните пресметки, намалувањето на акцизите ќе остане во сила и во следниот период, што дополнително ќе ги амортизира ценовните шокови на пазарот.
Во однос на дизелот, даночната стапка засега нема да се менува, но и покрај тоа, како што истакна премиерот, цената останува значително пониска од онаа во соседните земји. Очекувањата се дека со новите пресметки што ќе ги направат регионалните пазари, разликата може дополнително да се продлабочи во корист на домашните потрошувачи.
Најавите за ново намалување би можеле да се реализираат веќе од почетокот на следната недела, кога ќе се усогласат цените со движењата на меѓународните берзи и регионалните одлуки.
